Министерката Шукова претпоставува дека причината за откажувањето е поради променетите услови на пазарот за финансирање на проектот
Пропадна и најновиот, 14. по ред тендер за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, откако грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција која беше со важност до 31 декември 2023 година.
Државата не ја активирала гаранцијата, бидејќи тоа било можно само доколку компанијата предвреме се повлекла од процесот, што фактички не го сторила, информира денес на брифинг со новинарите министерката за животна средина Каја Шукова.
„За жал, мора да констатирам дека пропадна и 14. тендер за ‘Чебрен’“, изјави таа пред новинарите.
Таа додаде дека целата кореспонденција со грчката компанија се водела писмено, при што пред Нова година им било укажано дека за да продолжи процесот, неопходно е да се продолжи банкарската гаранција.
Шукова претпоставува дека причината за откажувањето е поради променетите услови на пазарот за финансирање на проектот, поради што побарале и одредени промени од технички аспект, но тоа не било прифатено од наша страна.
Според министерката, енергетичарите сега треба да седнат и да разговараат како да се продолжи понатаму за Чебрен, дали да се гради преку концесионерство или пак државата сама да го финансира.
Шукова смета дека државата изгуби со пропаѓањето на тендерот, бидејќи ќе овозможело пристап до европската мрежа, а ќе се обезбедеше и наводнување на плодните површини.
Од аспект на заштита на животната средина, на новинарско прашање, Шукова рече дека нема никаков проблем.
Инаку тендерот за „Чебрен“ беше објавен во 2020 година, а целата инвестиција требаше да изнесува една милијарда евра.
„Заклучно со 31 декември 2023 не пристигна продолжување на банкарската гаранција од страна на избраниот понудувач, а со самото тоа не е активна ни понудата на понудувачот“, рече Шукова на брифингот со новинарите.
Таа додаде дека биле разгледани сите документи согласно тендерското досие и постојните закони во државата, како и дека Министерството како надлежно за овој процес ќе подготви информација и ќе ја информира Владата дека ќе достави одлука за поништување на постапката.
„Согласно тендерската документација, додека е активна банкарската гаранција понудувачот требаше да пристапи прво кон потпишување договор за заедничко вложување со ЕСМ, но тоа не го направи. Ние околу 15 декември упативме допис до компанијата да ја потсетиме дека банкарската гаранција е активна до 31 декември и дека треба да ја продолжи доколку сакаат да продолжи процесот, како и да пристапи кон потпишување на договорот за заедничко вложување. Но, бидејќи не добивме никакви дополнителни информации од компанијата банкарската гаранција веќе не е активна и понудата веќе не важи“, појасни Шукова.






