Европејците позитивни кон Украина, но не го сакаат Западен Балкан во Унијата
Европејците се отворени за пристапување на Украина во ЕУ, но се скептични за приемот на државите од Западен Балкан, Грузија и Турција, покажува истражувањето спроведено во шест земји членки на ЕУ пред овонеделниот Самитот на Унијата на кој ќе се расправа за проширувањето, пренесува британски „Гардијан“.
Европејците генерално се отворени за идејата Украина да се приклучи на ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но во најдобар случај се млаки во врска со потенцијалното проширување на блокот со Грузија и земјите од Западен Балкан.
Европската комисија минатиот месец препорача да започнат пристапните преговори со Украина и Молдавија, а 27-те шефови на држави и влади на ЕУ треба да разговараат за тоа на самитот во Брисел оваа недела – иако унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано кажува дека се противи на отворање преговорите со Киев.
Анкетата во шест земји-членки на ЕУ спроведена на барање на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), покажа значителна поддршка за кандидатурите на Украина и, во помала мера, на Молдавија и Црна Гора, но и длабоки економски и безбедносни грижи.






