Фракција ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски и неговата насадена клиентелистичка камарила, не реагираше по скандалозната судска пресуда против ИРЛ
Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, го изразува своето длабоко жалење за ниското ниво кое го достигна судскиот систем во земјава. Последните судски пресуди против ИРЛ и нашиот сопартиец Бране Петрушевски, ги сметаме за врв на некомпетентноста и елементарно не познавање на правото од страна на судските совети и судиите кои ги донесоа споменатите пресуди.
Во случајот на ИРЛ, судот, на најбезочен начин ги проблематизира професиите на членовите на оваа истражувачка лабораторија запрашувајќи се „Дали тие воопшто се новинари„. Тоа е исто како од членовите на Здружение на граѓани за екологија, да се бара, неговите членови да бидат допломирани екологисти, а не граѓани организирани во Здружение кое ги штити правата на поголема група на граѓани во насока на заштитата на животната средина.
Искрено жалиме што Мицкоски и неговата насадена клиентелистичка камарила, воопшто не реагираше по скандалозната судска пресуда против ИРЛ, најверојатно само да не се замери со олигархискиот менаџмент на компанијата тужител, од кого очекува издашна помош пред претстојните избори.
Ваквиот индолентен однос, на таканаречениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, овозможува, суспендираното право на говор, слобода на изразување, корупција и неспособност на судскиот систем, да добијат облик на Уставна категорија, која тој и неговите клиентелисти свесно ја премолчуваат. При тоа, очевидно е дека Мицкоски е подготвен токму забраната на слобода на говорот и јавното изразување да бидат уставна категорија според неговата досегашна практика која секојдневно ја гледаме во нашата партија под негов диктат.
Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ јавно го изразува своето негодување и поради пресудата на кумановскиот суд во предметот против нашиот сопартиец Бране Петрушевски, за кој сметаме дека правото на слобода на говор во Република Македонија е неприкосновено, дотолку повеќе што пратеникот во Собранието на РМ, ужива имунитет од казнивост, токму поради правото на слобода на говор необременета од било каква институционална закана.
За овие случаи, Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги информира европските институции кои се занимаваат со почитување и заштита на на човековите права како и дипломатскиот Кор во земјава, се вели во соопштението на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ






