Позицијата на Бугарија е за прием на Македонија во ЕУ без алтернатива. Државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе можеме да се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ. За нас е исклучително важно Македонија и Албанија заеднички да се движат по тој пат.
Ова го изјави претседателот на Народното собрание на Бугарија, Росен Желјасков во изјава за медиумите по средбата со претседателот на парламентот, Талат Џафери. Тој ги поздрави и им се заблагодари на македонските пратеници за, како што кажа, „јасно изразената позиција поврзана со членство на Република Северна Македонија во ЕУ и консолидирањето на јасно мнозинство за уставните промени“.
„Јасно е дека има мнозинство но тоа е недоволно во моментот, но како што споделив една мисла дека државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. За нас е важно дека позицијата на Бугарија е за прием без алтернатива на Република Северна Македонија во ЕУ. Во таа смисла минатата година бугарскиот парламент усвои декларација со која го усвои францускиот предлог. Некои рекоа дека е постигнат историски компромис, но нашите две држави го направија неопходниот компромис, тој компромис е во името на нашите народи и во таа смисла бугарската позиција не е поразлична од ставот којшто се споделува од мнозинството во македонскиот парламент“, истакна Желјасков.






