Македонија Новости Топ Вести

Арсовска:„’Мицковизмот’ е рак-рана на македонското општество“

Претседавачот Славески ѝ порача на Арсовска: „Имавме работна атмосфера, вие отрувте со политика, подобро да не дојдевте“


Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, по подолго време се појави на седница на Советот на Град Скопје и настаните повторно заличија на оние претстави пред повеќе месеци кога таа беше обвинувана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а таа им возвраќаше без пардон. Иако ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа нејзината кандидатура и ефективно ја водеше кампањата на Арсовска.

На денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје треба да се гласа дали ќе се одобрат дополнителни средства за поддршка на Јавното сообраќајно претпријатие, не изостанаа политичките препукувања во кои Арсовска оцени дека „мицковизмот“ е рак-рана на македонското општество. Финансиската помош за ЈСП е единствена точка на дневниот ред.

Данела Арсовска, по подолго време реши да присуствува на седница на Советот и токму затоа се почна  со еден час задоцнување. Арсовска е предлагач и иницијатор на оваа вонредна седница, затоа што без пари на Скопје му се заканува уште еднаш да остане без јавен превоз.

Но, откако таа излезе на говорница ги прозва советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека токму тие се виновни што поголемиот дел од проектите не се завршени.

„Вие сте власт во Град Скопје, вие сте причината зошто најголем дел од проектите не се реализирани. Јас како еден човек не можам да направам сѐ сама, затоа што вие сѐ блокирате“  порача Арсовска.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече „мицковисти“, односно ги обвини дека чекаат повик од лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој им кажува да излезат од седница или да не гласаат по одделни точки.

„Тој ‘мицковизмот’ е рак рана на македонското општество. Како тоа не сте власт? Имате 500 претставници во надзорни, управни и училишни одбори. Ако не сте власт кажете им на членовите на управни и надзорни одбори да се повлечат и распишете конкурс каде ќе се јават независни членови“, порача Арсовска, откако претходно советник од ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека без разлика што имаат најбројна советничка група во Градот, тие не се власт.

Арсовска порача дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа програмата „За модерно Скопје“, но дека прави сѐ за да не се спроведат проектите од програмата, како и оние проекти кои биле претходно почнати, а се од интерес на граѓаните.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *