Свесни сме дека станува збор за организиран криминал со цел да застари предметот. Доколку тоа се случи, ќе се обратиме до сите институции дома и во странство, се закани Фијат Цановски околу судските игри со уривањето на „Космос“
Фијат Цаноски, сопственик на фирмата Инвеститор ТД „ФИНЕ СКОПЈЕ ДОО“ денес одржа прес конференција за судбината на предметот „ТНТ“ и притоа порача дека, ако се донесе одлука да застари предметот и остане без оштета од 11 милиони евра, нема да престане да ја бара правдата пред сите домашни и странски институции.
Цаноски се осврна на изминатите години во кои, и покрај сите случувања кон него и неговиот бизнис, тој и натаму продолжи да вложува во оваа држава. Објектот „КОСМОС“ се изгради повторно со нови вложувања, а Цаноски рече дека останал со верба и доверба во судството на оваа држава дека за предметот „ТНТ“ ќе се донесе правна и праведна одлука.Но, сега се соочува со одлуки кои водат кон застарување на случајот во кој претрпе огромна штета и за кој, ако испадне така како што стравува, ќе треба да плати Македонија како држава иако станува збор за огромна сума.
-Она што се случува деновиве во јавноста е тоа дека судијата известител и претседател на советот, Ѓоко Ристов, место да постапи согласно одредите од ЗКП за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по него, тој закажува нова јавна седница за 6 ноември сè со една единствена цел, знаејќи дека ако таа се одржи тогаш советот ќе мора да донесе само една единствена одлука – да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и „ФИНЕ“ засекогаш да остане без својата оштета од 11 милиони евра.






