Македонија Новости Топ Вести

Црвенковски предлага Западен Балкан постепено да се интегрира во ЕУ пред членството

Поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски денеска предложи земјите од Западен Балкан да побараат од Европската унија постепена интеграција и пред полноправното членство.  

„Сите земји од Западен Балкан, без исклучок, заедно да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови на Унијата. Не како алтернатива на полноправното членство, туку како меѓучекор кој дополнително ќе не подготви за целосно интегрирање“, рече Црвенковски на регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи“.

Додека одлуките во Европската Унија се донесуваат едногласно со целосен консензус и додека постојат лимитирачки фактори во евроинтегрирањето, важно е земјите од Западен Балкан, нагласи Црвенковски, да ги завршат работите што зависат само од нив – да ги спроведат неопходните реформи – не затоа што Брисел тоа го бара, туку затоа што тоа е добро за граѓаните.

„Да го совладаме најголемото зло – корупцијата и да обезбедиме неселективна правда и целосно почитување на правото“, рече поранешниот шеф на државата на конференцијата која денеска во Скопје ја организираат Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација. 

Предлогот за реформирање на ЕУ т.е. за замена на консензуалното одлучување со квалификувано мнозинство, со што би се укинало правото на вето кое досега го имаше секоја членка, како и владеењето на правото да стане највисок критериум, според Црвенковски, е неизвесно дали ќе почне и колку ќе трае и коректно е, рече, „кога се спомнува 2030 како термин за можно проширување, реченицата да се дополни со ’доколку Унијата дотогаш се реформира и се подготви за проширување’“.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *