Според вицепремиерот за европски прашања, моментот во кој ВМРО-ДПМНЕ ги вади материјалите од уесбе за наводен договор помеѓу СДСМ-ДУИ и експремиерот Никола Груевски, обидувајќи се да направи театар со ексклузивни информации, е смешен бидејќи опозициската партија уште во 2019 и 2020 година презентирала слични материјали.
-Театарот што го прави ВМРО-ДПМНЕ околу овој случај не може да го покрие нивното долгогодишно учество во разговорите на оваа тема, а материјалите кои ги приложил потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, со некакви наводи дека измените на Кривичниот законик се своевиден договор помеѓу Груевски и власта, е смешни бидејќи кој било може да седне и да го напише тоа – вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
„Такви материјали има бројни, може секој да го направи тоа, тоа е еден вид анализа на делови од Кривичниот законик со предлози. Такви слични материјали презентираше ВМРО-ДПМНЕ уште во 2019 или 2020 година кога се разговараше за Законот за Јавно обвинителство. Вчера слушнавме од Мицкоски дека го пензионирале Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се сеќавате дека тогаш имавме тешки разговори со нив околу тој Закон и дискусијата за Кривичниот законик тогаш тие ја отворија“, вели Маричиќ.
Вицепремиерот вели дека тој лично не знае од кого е испратено уесбето, но додава дека е сигурен оти внатре во ВМРО-ДПМНЕ има многу уесбеа од Никола Груевски. Вицепремиерот рече и дека кај оваа партија нема конзистентност за објаснувањето на нивната улога во целиот тој процес, односно дека самите се разоткриваат дека целта им била неказнивост, а најголем доказ за тоа е вчерашниот говор на Мицкоски со кој првпат висок претставник од ВМРО-ДПМНЕ јавно кажал дека целта на партијата била да го пензионира Специјалното јавно обвинителство (СЈО).






