Застрашувачко истражување на „The Guardian“ – Воздухот во Македонија е најзагаден во Европа
„Најлошо погодена земја во Европа е Македонија. Речиси две третини од луѓето во државата живеат во области каде што загадувањето на воздухот е четирипати повисоко од границите на СЗО, додека четири области имаат шестпати поголемо загадување, вклучувајќи го главниот град Скопје“, пишуваат од The Guardian.

Загадениот воздух е проблем кај нас веќе неколку години наназад, кој само се влошува со почнувањето на грејната сезона.
Но, истражување од The Guardian покажува дека Македонија има најзагаден воздух во Европа, дури и кога не е грејна сезона.
Всушност, истражувањето покажува дека цела Европа е изложена на ризик бидејќи загадувањето на воздухот ги надминува границите на Светската здравствена организација (СЗО).
Анализата се фокусира на загадување со таканаречените ПМ честички во воздухот кои го зголемуваат ризикот од бројни здравствени проблеми како болести на срцето и астма.
Од разни извори, била анализирана просечната концентрација на ПМ честички во воздухот на годишно ниво.

Од The Guardian истакнуваат дека Европа се соочува со сериозна здравствена криза бидејќи 98% од населението живее во области со многу загаден воздух.
„Најлошо погодена земја во Европа е Македонија. Речиси две третини од луѓето во државата живеат во области каде што загадувањето е четирипати повисоко од границите на СЗО, додека четири области имаат шестпати поголемо загадување, вклучувајќи го главниот град Скопје“, пишуваат од The Guardian.
Генерално, состојбата во Источна Европа е полоша отколку во западниот дел на континентот.

Според СЗО, годишната концентрацијата на ПМ честички не треба да изнесува повеќе од 5 микрограми на метар кубен годишно. Како што спомнавме, во Македонија овој број е четирипати поголем.
На веб-сајтот е споделена и интерактивна мапа која го покажува нивото на загаденост на воздухот во Европа која можете да ја видите ТУКА.
На мапата во табот Search for a place and hit enter можете да го впишете кој било град од Македонија за да ја видите состојбата со загадувањето.






