Македонија Новости Топ Вести

Ковачевски се правда: Европското знаменце е употребено, а не злоупотребено


Премиерот Димитар Ковачевски не го дели впечатокот на јавноста за оценките од Брисел околу Кривичниот законик и според него во ставот на ЕУ никаде не се наведува дека е злоупотребено, туку дека е „употребено“ знаменцето на ЕУ. Тој порача дека сите процеси коишто се одвиваат кај нас се на некој начин комнуницирани со Европската Унија.

„Европската Унија не кажа дека е злоупотребено, туку дека е употребено европското знаменце, во детали ја прочитав нивната изјава. Се покажа дека законот е веќе донесен и ништо драматично не се случи. Тоа значи дека не бил правен наменски за нешто или за некого туку дека е правен за подобрување на системот“, рече премиерот.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писинеро, вчера изрази жалење поради недостатокот на консултации со Европската комисија пред усвојувањето на измените во Кривичниот законик, како и за употребата на европското знаменце во парламентарната процедура. Од таму оценија исто така дека нивната анализа покажала дека овие измени ќе влијаат на голем број случаи на висока корупција.

Коментирајќи го ставот на ЕК, Ковачевски рече дека ако некој разговара со Европската Унија, па дури и на дневно ниво, тогаш тоа е Македонија бидејќи, како што додаде, заедно со Албанија во моментов го води скринингот.

„Така што, сите процеси коишто се одвиваат кај нас се на некој начин комуницирани со ЕУ“,
рече премиерот.

Во однос на забелешката на Европската комисија дека измените се изгласани во експресен рок и без поширока јавна дебата, Ковачевски рече дека во државава многу пати се забележувало на бавност во процесите, а кога нешто ќе оди со побрзо темпо, според него, не треба да се забележува.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *