Македонија Новости Топ Вести

Османи дознал од медиумите дека „Еуровиа“ е донатор на ДУИ


Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, негираше денес дека има нешто незаконско  во тендерот што го доби компанијата „Еуровиа“ за адаптацијата на салата „Борис Трајковски“ за конференцијата на ОБСЕ во декември и дека целиот процес бил транспарентен. За тоа дека  компанијата била донатор на ДУИ, Османи вели дека дознал – од медиумите.

Државната комисија за спречување на корупцијата вчера најави дека ќе отвори предмет поврзан со компанијата „Еуровиа“, која го доби тендерот. Инаку согласно законот за финансирање политички партии, партиите не можат да бидат финансирани  од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпијатија и фондови по пат на договор“.

Османи извести дека им наредил на службите во МНР веднаш да ја испратат целокупната документација до Антикорупциската комисија  за случајот.

– Жал ми е што не бев дома два дена, имам разбирање за реакцијата на јавноста која бара транспарентност за секој денар потрошен од МНР. Како што објаснивме, МНР нема избрано компанија, туку кога имате отворена постапка и единствен критериум ви е 100%, тоа што МНР прави е само рангирање. Таа што е најевтина, таа се предлага на министерот да ја избере. Кога би бил одреден квалитет и цена, вие субјективно одлучувате, но не можете да влијаете врз изборот кога има само цена. И да беше еден денар, немавме можност за поинаков избор. Тука е разликата дури четирипати поевтина – рече Османи.

Министерот потенцира дека ова е најважниот настан во земјава и дека во неговата политичка кариера никогаш не би ставил дамка врз него. Затоа смета дека нема никаков конфликт на интерес ниту пак е прекршен законот.

– Да направиме отворен брифинг. Ќе видите дека немавме можнотст за друга одлука, ќе го прекршевме законот. Можам да предложам, дајте да донесеме закон во кој компаниите кои донираат на партии да не може да учествуваат на тендер, еве со опозицијата да го изгласаме. Нема конфликт на интереси, единствено што се спомнува е дека сопственикот бил роднина на бивш министер кој е покоен шест години. Ја разбирам реакцијата и граѓаните имаат право да се сомневаат, но ве уверувам дека се е законски. Може да ме обвините за се, но за корупција не можете, ниту кога сум бил  доктор. Таа особина ја немам, посебно за ваков важен настан. Знам дека е тешко за верување, но дознав дека фирмата е донатор од вас медиумите. Ги повикувам институциите да истражат се – додаде Османи.

Фирмата Еуровиа, која го доби тендерот од 1,8 милиони евра за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“ , иако негираше, сепак била еден од донаторите, се гледа од извештајот на ДУИ од март годинава за примените донации во 2022 година, кој е доставен до Управата за јавни приходи, Државниот завод за ревизија и до Министерството за финансии. Во овој извештај меѓу донациите од правни лица евидентирана е фирма со име Еуровиа Тетово, која донирала 1.845.000 денари во текот на 2022 година. Како поединечни донатори се јавуваат и лицата Бејтула Адеми со донирани 300.000 денари и Елмедин Адеми со донација од 2.509.200 денари.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *