Пратениците во моментов имаат многу поважна работа од, терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче, вели премиерот во интервју за МИА
Потребен е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
Говорејќи за уставните измени, кои се дел од преговарачката рамка и услов за одржување на втората меѓувладина конференција и практичен почеток на преговорите со ЕУ, за ставот на опозицијата дека не прифаќа „уставни измени под бугарски диктат“, но и за политичките превирања во ДУИ и како сето тоа ќе влијае на овој процес, Ковачевски нагласува дека пратениците во моментов имаат многу поважна работа од, како што рече, терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче.
-Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Македонија да стане членка на ЕУ, нагласува Ковачевски.
Седницата за уставни измени почнува на 18 август, а Ковачевски очекува, како што вели, искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата „низ која ќе се разјаснат сите аргументи, со цел сите заедно да дојдеме до една натпартиска одлука, каква што ни доликува, а со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред моментумот кој тешко дека ќе се повтори“.
Според Ковачевски опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација.
-Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку, додава тој.
Во однос на можноста за нови блокади од Софија и доколку се донесат уставните измени Ковачевски на став дека понатамошните барања ќе се однесуваат на реформите.
-Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните, нагласува премиерот во интервју за МИА.
Во интервјуто Ковачевски говори и за корупцијата, проблемот на неказнивоста, особено на високата корупција, за најавите за зголемување на платите на вработени во јавниот сектор, согласно Општиот колективен договор, за предупредупредувачкиот протест на вработените во МИА…
Во продолжение дел интервју со Ковачевски:
Пораки за единство беа упатени од прославата на 2 Август и од државниот врв и од опозицијата, но според кажаното имате различни дефиниции за значењето на зборот единство. Што според вас значи единство во овој момент кога донесувањето на уставните измени е неизвесно?
-Ние како држава од независноста наваму сме поставиле неколку стратешки цели – сме зацртале дека сакаме да сме членка на НАТО и членка на ЕУ. Триесет години подоцна, ние сме земја членка на НАТО, земја со почнати преговори со ЕУ, земја која големите светски сили како САД ја препознаваат за стратешки партнер и пријател, земја фактор на стабилност во регионот, функционално демократско, мултиетничко и мултикултурно општество, со зачуван и зацврстен идентитет, признаен чист македонски јазик, на кој веќе и се преведува европското законодавство. И тоа, не е малку. А, сѐ се тоа тешки одлуки кои некој морал да ги донесе. Кога се има трпение и кога се размислува визионерски и државнички, полека но сигурно се остваруваат целите. Денес мислам дека сето тоа се зема здраво за готово.
Триесет години не се многу во историска смисла, и ние, кога ќе се седне да се налиста, имаме постигнато навистина многу, особено од страна на владите, предводени од СДСМ. Фокусот на стратешките цели и препознавањето на шансата која ја имаме да ја исполниме и втората стратешка цел, полноправно членство во ЕУ е исклучително важна во овој момент. И тука треба да е единството. Да се има доблест да се остави позади себе дневната политика и да се погледне што сите ние заедно можеме да направиме денес за да имаме подобро утре.
Затоа што е важно каква држава сакаме и правиме денес и каква држава ќе оставиме утре. Ние имаме обврска да им оставиме на идните генерации европска Македонија, не треба да се калкулира со следните чекори, треба да се донесе одлука и да се продолжи државата на европскиот пат. Само на тој пат ние ќе си го зачуваме она што го имаме во однос на историскиот, културниот и јазичниот идентитет, само на тој начин ќе си ги зајакнеме позиците кон меѓународната заедница и партнерите и воедно ќе ја подобриме сегашната состојба. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат големи достигнувања, заслужуваат европски стандард и подобар живот, заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, нашата алтернатива е ЕУ. Ова е суштината. Нашата сила е во обединувањето и секој што и мисли добро на оваа земја треба да биде подготвен за заеднички државнички одлуки.
Да се навратам на првиот дел од вашето прашање. Нема потреба да толкуваме дефиниции за единство. Доколку некој е искрен пред граѓаните ќе направи се за да се обезбеди европската иднина на земјата, на идните генерации. И обратно, доколку не е искрен ќе бара изговори, ќе се вади на дефиниции, ќе калкулира. Ние не калкулираме, државниот интерес е наша водилка и подготвени сме, ќе направиме се европска Македонија, горда и достоинствена членка на ЕУ до 2030 година да биде реалност на целиот наш народ, за сите наши граѓани.
Течат роковите за уставните измени верувате ли дека е можно да се донесат до завршувањето на скринингот?
-Роковите си ги поставуваме ние, тоа е многу важно да се знае. Да, скринингот ќе заврши при крајот на годината и што е најважно успешно. Но, дали одлуката за уставни измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат ќе се случи, зависи само од нас. Одговорноста е пред сите општествени чинители, пред сите сериозни парламентарни партии, пред сите пратеници. Од сите нас зависи одлуката, тоа е гласот за Европа. Ние сме тие што ќе одлучиме дали сакаме веднаш да продолжиме понатаму на европскиот пат и да се интегрираме или пак да се изолираме комплетно и повторно да ги живееме 10 или 15 години сами и беспомошни. Ова е многу специфичен случај кога за прв пат, ветото може да дојде одвнатре. А тоа не смееме да си го дозволиме.
Јас лично верувам дека Северна Македонија, пратениците нема да ја испуштат оваа историска шанса. По 17 години чекање, во јули, минатата година, конечно ги отворивме преговорите преку изнаоѓање на квалитетно решение, достоинствено пред сѐ и со заштитени национални и идентитетски определби. Решение кои ги запази сите наши државни и национални позиции. Земјата повторно ја вративме на европскиот пат. Македонскиот јазик и идентитет се зачувани и заштитени со преговарачката рамка. Со интеграција во ЕУ го интегрираме и македонскиот јазик и идентитет во европскиот мозаик, рамо до рамо со големите државотворни народи на Европа. Тоа е нашата цел и тоа беа суштински државни позиции за кои ние добивме силна поддршка и успеавме да се изборивме.
Едно нешто на сите нас во државата треба да ни биде јасно-нема да има подобар договор, нема да има да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка. И ова е единствената вистина, која не ја кажувам јас, не ја вели СДСМ, Владата, тоа е ставот на Европската Унија. Оттука, јасно е дека ако ја пропуштиме оваа историска шанса, оваа силна поддршка на Унијата, на САД, на нашите стратешки партнери, само ќе загубиме нови 10 или 15 години. Нашата татковина нема 15 години за губење, младите немаат децении за губење, граѓаните немаат време за губење. Да ја искористиме оваа шанса, да ја донесеме одлуката со којашто сите потоа ќе се гордееме.
Како ќе ја убедите опозицијата, која ви е потребна за двотретинско мнозинство, кога таа отворено вели „не за уставни измени под бугарски диктат“. Тие велат за ништо не биле контактирани. Дали се е прекинато и фокусот се само предвремени избори?
-Зарем треба за доброто на граѓаните да се убедуваме? Не гледам зошто би имало потреба за убедување, секоја политичка партија треба да покаже одговорност пред граѓаните и државата. Пратениците во Собранието се избраници на граѓаните, а граѓаните сакаат во ЕУ. И тоа не го кажувам јас, тоа го има како податок во секое едно истражување.
Опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација. Не треба да се замајуваат граѓаните со флоскули или со невистини. Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку.
За нас државни теми се членството во ЕУ и економскиот напредок, а темата за предвремени избори е одамна затворена. Сепак, водејќи се од државниот интерес, на лидерската средба ја понудив оваа опција како можност за опозицијата да ги поддржи уставните измени. Ако опозицијата изгласа уставни измени ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори, и тоа е јасно.
Пратениците сега имаат многу поважна работа од терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче. Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Македонија да стане членка на ЕУ.






