Мицевски: Уставни измени под диктат, притисок и наметнувања се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме
Уставни измени под диктат, притисок и наметнувања се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме, затоа што тоа е директно кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а огромно мнозинство од народот над 80% вели НЕ на ваков начин на насилство од страна на власта. За жал трагичната вистина видлива и денес пред целата македонска јавност е дека ние имаме глува и слепа власт, која за ден повеќе во фотелја, за тапшање по рамо, за комшијата да и поклонува луксузни коли, фарми за канабис, фотоволтаици или бесплатни трговски центри – е спремна да прави отстапка по отстапка до целосно обезличување и рушење на националните и државни интереси. Оваа влада има еден клучен проблем, а тоа е да води инат и со опозицијата и со народот и со експертите. Ни ал ни абер има од градење на консензус по виталните национални прашања, туку сите работи ги води до степен на свршен чин, презема обврски без да се бори за интересот на својот народ, презема штетни договори, кои после бара сите да ги прифатат. Тоа е недозволиво, тоа е лузерска политика која не носи никаков бенефит. Напротив носи штети и трајни катастрофални последици, ова денеска од собраниската говорница го истакна Никола Мицевски координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Loading…
„Како салама ги сецкаат и после тоа ни го прикажуваат како успех. Да потсетиме дека и во 2017-та и целото ова време како партија предупредувавме дека договорот за добрососедство е брзоплето решение кое носи отровни плодови кои сега ги гледаме. Но и тогаш оваа самобендисана власт на СДС и ДУИ и сега одбива да се соочи со реалноста. Тогаш тврдеа дека ги затвораат прашањата со соседите, а нивните политики донесоа ескалација на омразата и официјални државни документи од Бугарија во кои комплетно се негира самобитноста и историјата на Македонија и македонскиот народ пред 1945 година. Наместо добрососедство, донесоа омраза. Наместо соработка, донесоа понижувања. Наместо пријателство, донесоа уцени и закани. Наместо да послушаат што предупредувавме, без борба ја предадоа Македонија. И еве не тука денес, кога повторно говориме дека уставни измени во овие услови и под директен диктат на Софија се штетни и носат несогледливи последици. Ако меѓународните договори кои оваа власт ги потпиша даваа правен легитимитет на негаторските политики и ставови, уставни измени сега и под вакви околности ќе дадат правна рамка на истите тие негаторски политики но во внатрешниот правен сообраќај во Македонија и во македонските институции. Нека не ве замајуваат изјавите на Маричиќ, Османи и сличните дека ова е шанса која не смее да се пропушти. Дека ова било шанса да се направела разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Секој еден кој без овие измени не умее да прави разлика меѓу двата народи и засебната различна илјадолетна историја, не смее да биде дел од овие клупи и овој Парламент, светиот дом на народната волја, права и достоинство. Не, господа, ова не е никаква шанса за напредок на целата држава. Ова е само шанса за нивно лично профитирање на грбот на македонскиот народ и Македонија. За уште некое АУДИ на поклон од комшијата, за уште неколку тони бифтеци платени од народот, за уште некој бизнис и цедење на македонската земја на која има се повеќе парцели кои тие ги продаваат како да се на пазар, а во неа има се помалку луѓе кои не можат да го трпат овој терор и современа тиранија под превезот на демократијата, вели Мицевски.






