Македонија Новости Топ Вести

Агелер: Ќе ги соочиме со одговорност сите корумпирани, без оглед на позициите и политичката припадност

Корупција во било која форма во Македонија нема да се толерира и ќе има мерки, додека сите не сфатат дека има последици од коруптивното однесување


Американската амбасадорка Анџела Агелер порача денес дека ставањето на Орце Камчев на таканаречената црна листа на Министерството за финансии на САД е уште еден показател дека САД ќе ги употребат сите алатки за да ги соочат со одговорност сите оние кои се вклучени во коруптивни активности – без разлика на нивните позиции, политичка припадност и времето на злоупотребите. Таа најави уште такви одлуки, но не можеше да прецизира кога, колку и за кого.

„Злоупотребата на законите, на функциите, перењето пари, поткупот и другите активности во кои учествувал Камчев го поткопаа судскиот систем и во исто време се значајно предавство на народот на оваа земја“, порача Агелер.

Таа не можеше да прецизира што ќе значи поконкретно ставањето на Камчев на црната листа за неговата болница „Аџибаден Систина“ и за оние кои работат со него, но порача дека одлуката ги погодува и тие кои работат со него во тие активности, уште повеќе што имотите му се замрзнати.

„Голем дел од меѓународното банкарство оди преку големите банки во САД, така што импликациите се значителни“, порача Агелер. 

Таа нагласи дека ставањето на црната листа има големи финансиски и имотни последици за Камчев, но дека САД не можат да дојдат тука и да апсат, така што следните чекори ќе зависат исклучиво од нашите надлежни органи, со јасна порака притоа – дека корупција во било која форма во нашата држава нема да се толерира и дека ќе има мерки, додека сите не сфатат дека има последици од коруптивното однесување. 

„За Македонија да ги надмине предизвициите кои се пред неа, корупцијата не смее туку така да минува. Одговорните мора да одговараат. Не можам да кажам која личност би била следна. Ова е многу сериозно назначување. Има повеќе личности и организации кои во секој момент се разгледуваат“, објасни Агелер.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *