Амбасадорот на Шпанија во Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија ги претстави денес програмата и приоритетите на шпанското претседателство со ЕУ во Собранието. Тој нагласи дека ова е петто шпанско претседавање со Унијата од нејзиното членство и дека приорите на Мадрид се реиндустријализација на ЕУ, унапредување на зелената транзиција и адаптација на животната средина, промовирање на поголема социјална и економска правда и зајакнување на европското единство во чии рамки, рече ќе биде адресирано и проширувањето на ЕУ.
-Шпанија дава големо значење на проширувањето и ќе продолжиме да работиме во овој поглед во текот на претседателството според принципот на заслуга. За Северна Македонија отворањето на пристапните преговори во јули минатата година беше најважен чекор. Има други важни очекувања во текот на овој сместар. Во тој контекст ја потврдуваме поддршката на Шпанија за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, рече амбасадорот Гарсија.
Евроамбасадорот Дејвид Гир посочи дека во многу клучни области реформите кои што се поддржани од страна на ЕУ и други донатори не напредуваат како што требаше и во некои случаи има и негативен развој на настани кои не очекувале да ги видат од земја која започна преговори за пристапување во ЕУ.
-Овој законодавен дом има голема улога која може да ја одигра со тоа што ќе го одблокира носењето на клучни закони и ќе го обезбеди соодветното функционирање на други важни институции, порача Гир во обраќањето.