Култура Македонија Новости Топ Вести

21 издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа 2023“ во Ресен

Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, којшто беше основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија, оваа година ќе го има своето 21. издание, со почеток на 6 јули, пред „Сарајот“ во Ресен.

Фестивалот ќе почне со ретроспектива на легендарните имиња на европскиот театар, досегашни добитници на наградата за животно дело – „Актер на Европа“. Прво легендарно име на европскиот театар кое ја понесе оваа награда е Љуба Тадиќ од Белград, а потоа се редеа Јон Карамитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија) итн.

Оваа година наградата за животно дело „Актер на Европа“ ќе ја понесе познатата унгарска актерка Енико Есењи, за која ќе биде прикажан уметнички портрет со сите нејзини театарски и филмски креации.

Според програмата, до 11 јули во Ресен ќе настапат: аматерската група „Самоилци“ со претставата „Бунда“, Академијата „Балканика Еуропеана“ со проектот „Среќата е нова идеја во Европа“, актери од Германија кои ќе се претстават со проектот „Разоткривање на минатото – комуникација во и за холокаустот“, актерот Слободан Маруновиќ од Црна Гора со изведба на монодрамата „Последниот час на Његош“, а со театарски проекти ќе се претстават и уметници од Хрватска, Швајцарија и од Србија.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *