Додека судиите одлучат за упатството на министерот, ќе важи времената мерка, односно во изводите нема да се става графата за етничка припадност
Уставниот суд донесе одлука со која привремено го стави надвор од употреба упатството на министерот за правда Кренар Лога, со кое се издава извод на родени во кој има графа за етничка припадност. Уставните судии изразија сомнеж во уставноста на ова упатство и покренаа иницијива за проверка на законитоста. Додека одлучат за упатството на министерот, ќе важи времената мерка, односно во изводите нема да се става графата за етничка припадност.
Седницата на уставните судии ја следеше и министерот за правда од публика.
По ваквата одлука, министерот Лога рече дека се отвора Пандорината кутија, бидејќи, според него, во многу наврати не бил почитуван уставниот рок за објавување на подзаконски акти во „Службен весник“. Подоцна демантираше дека рекол дека не се почитувало вметнувањето графа за етничка припадност, како што објавија некои медиуми.
Министерот Лога подоцна, на брифинг со новинарите рече дека времената мерка која ja изрече Уставниот ќе биде беспредметна и наскоро ќе биде изработен прочистен текст. Тој рече дека одлуката на Уставен била „купување време“.
„Јас ја почитувам нивната одука за времена мерка и најавувам дека ќе има нов прочистен текст на упатството кој ќе биде деновиве пуштен за објавување. Со тоа времената мерка ќе биде беспредметна“, рече Лога. Тој нагласи дека нема да покренува нова иницијатива во врска со други акти и заради процесни забелешки, како Законот за јазици и за Законот за Преспанскиот договор.