Македонија Новости Топ Вести

Oсум години затвор за Драги Рашковски

Сите седуммина обвинети во случајот поврзан со поранешниот генерален секретар на Владата добија затворски казни. Најниската е три години

Неколкугодишната политичка кариера на професорот Драги Рашковски заврши со повеќегодишен затвор.

Рашковски, кој беше генерален секретар во првата влада на Зоран Заев, денеска е осуден на осум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, перење пари и фалисфикување исправи во случајот познат како „Софтвери“.

Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска во Кривичниот суд повеќе од еден час ја читаше пресудата за кривичните дела што ги направиле Рашковски и другите шест обвинети лица, кои исто така добија казни затвор, но за неколку години пониски.

Пресудата за Драги Рашковски е најзначајната за функционер на актуелната власт. Случајот „Софтвери“, откриен преку новинарска сторија на „360 степени“ во март 2021 дека Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично регистрирал таков патент. Но целиот се прошири и се однесуваше на тендери од Генералниот секретаријат за четири набавки на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; АНПР-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички. Покрај тендерите, дел од обвинението за предметот е и исплата на хонорари.

Шестемина други се осудени на овие затворски казни:

Ивица Димитровски – пет години затвор; Игор Христов – пет години и шест месеци; Даниел Станчев – четири години затвор; Ирена Ивановска – три години и шест месеци; Игор Ивановски – три години; и Маја Силјановска – три години.

Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Обвинението го застапуваше Ивана Трајчева од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Во судницата беше и шефот на ова обвинителство, Ислам Абази.

По изрекувањето на пресудата обвинителката Трајчева побара, Драги Рашковски, Ивица Димитровски, Игор Христов и Даниел Станчев да им се определи мерка притвор поради опасност од бегство

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *