Новости Свет Топ Вести

ЕУ официјално го информираше Косово за спроведувањето на мерките

Европската комисија ги информираше косовските власти за мерките што ги презеде поради непочитување на барањата на Европската унија во врска со неопходните чекори за деескалација на северот на земјата на 28 јуни, потврди портпаролот на ЕУ, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во писмен одговор до РСЕ, тој наведува дека официјална Приштина е информирана дека се преземени следните мерки:

-привремена суспензија на телата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

-Косово нема да биде покането на настани на високо ниво и билатералните посети ќе бидат суспендирани, освен оние кои имаат за цел решавање на кризата на северот на Косово во рамките на Дијалогот поддржан од ЕУ.-

-програмирањето на средствата за Косово во рамките на претпристапните инструменти (ИПА 2024) е ставено во мирување.

Предлозите поднесени од Косово во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан не беа доставени на разгледување на Форумот 29-30 јуни.

„Овие мерки се привремени и целосно реверзибилни во зависност од развојот на ситуацијата на терен и одлуките за деескалација што ќе ги донесе премиерот на Косово, Албин Курти“, се наведува во писмената реакција до РСЕ.

Суспендирањето на ИПА програмата е новина во мерките, додека другите се веќе познати на јавноста.

На состанокот одржан на 29 и 30 јуни во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан беа одобрени водечки инвестиции за регионот. На 30 јуни генералниот директор на Директоратот за проширување во Европската комисија Герт Јан Купман објави кои инвестиции се одобрени, а на листата на усвоени програми недостасуваат инвестиции за Косово. Портпаролот го повтори очекувањето на Европската унија за деескалација.

Се очекува Косово веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради во северно Косово, градоначалниците да ги извршуваат своите должности во други простории освен општинските згради и да распише избори во сите четири општини во северно Косово, на целосно инклузивен начин. Според Брисел, тоа подразбира целосно и безусловно учество на косовските Срби.

Портапрол на ЕУ предупреди дека и Србија нема да биде поштедена доколку официјален Белград не го преземе својот дел од одговорноста во насока на деескалација.

„ЕУ исто така внимателно следи дали Србија ги исполнува нашите барања и е подготвена да преземе мерки во случај на непочитување“, изјави овој портпарол на ЕУ.

На северот на Косово од крајот на мај има зголемена тензија поради одлуката на косовските власти да ги преземат општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, со цел градоначалниците Албанци да имаат пристап до нивните канцеларии. Србите, кои го сочинуваат мнозинството во тие општини, остро се спротивставија затоа што ги бојкотираа априлските избори и не ги прифаќаат резултатите.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *