Бугарскиот Претседател Румен Радев преку писмо испратено до лидерите на земјите-членки на ЕУ бара пристапниот процес за Македонија да не се одвива врз како што тој вели, политика на лобирање.
Во текстот каде посебно е издвоена резолуцијата од германскиот Бундестаг, Радев бара земјава да ги спроведе обврските со вметнување на Бугарите во уставот, и додава дека официјална Софија не го негира како што тој го нарекува „современиот македонски идентититет“. Бугарскиот претседател нагласува и дека промената на уставот е прелиминарен услов за преговорите за членство, но тоа не ги исцрпува условите кои Македонија ќе треба да ги исполни.
-Факт е дека Бугарија никогаш не го оспорувала правото на граѓаните на Македонија да го дефинираат својот современ идентитет и да го нарекуваат својот службен јазик како што сакаат. Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на земјата на антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година.– Румен Радев – Претседател на Бугарија.
За разлика од Радев пак, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Босел за бугарското радио БНР вели дека нема пречки за приклучување на Македонија кон Унијата. На прашањето кои би биле следните чекори на Унијата доколку до ноември Македонија не ги вклучи Бугарите во уставот, Борел вели дека земјава има добар напредок, а билатералните прашања нема да го одредат пристапниот процес.
-Македонија забележува добар напредок и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиното приклучување кон ЕУ. При тоа приклучување стриктно ќе бидат почитувани европските принципи и стандарди. За тоа е неопходна добра соработка, а регионалната соработка останува суштински елемент, исто како и стабилизацијата за да може да се спроведе пристапниот процес. Но билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки и нема да го одредат процесот на приклучувањето,- Жозеп Борел – Висок претставник на ЕУ.
Писмото на Радев доаѓа откако по германскиот Бундестаг, слична резолуција најави Франција, а таквиот чекор според Владата ќе го следат и други земји од ЕУ, со цел поддршка на евроинтегративниот пат на земјава. Во текстот на германската резолуција се изразува почит и се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура. Дополнително се повикуваат власта и опозицијата во земјава да ги направат уставните измени, а од Бугарија да се воздржи од поставување на дополнителни услови.