Македонија Новости Топ Вести

Претстои жешко синдикално лето


Протестите и штрајковите на вработените во јавниот сектор го стартуваат жешкото синдикално лето. Последни незадоволство изразуваат вработените во Царина, во УЈП, судските административци. Претходно протестираа просветни работници, вработени во култура, во ДИЦ… Тие не сакаат да работат за подпросечни плати, додека функционерите добиваат за 78 отсто повисоки плати.

Со затворени граници и неисплаќање на плати на вработените во земјата, се заканија вработените во Царинската управа и во Управата за јавни приходи (УЈП).

Тие се последни во низата вработени во јавниот сектор, кои бараат зголемување на нивните плати и исплаќање на додатоци.

Барањата за повеќе пари станаа особено гласни откако избраните и назначени функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти.

Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023
Инфографика – Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023

Па така претседателите на државата, на собранието и на владата имаат плата околу 2600, а министрите по околу 2000 евра месечна плата.

Повисоки плати добија 1060 функционери по одлуката на Уставен суд, а за повисоки плати на функционерите до крајот на годината ќе се потрошат дополнителни над 15 милиони евра од Буџетот на државата.

Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, повеќе од 96 проценти на вработени во администрацијата и правосудството примаат плата под просечната, која изнесува околу 570 евра.

Функционерите, иако најавија дека ќе ги ревидираат одредбите со кои драстично им се зголемија примањата, такво нешто се уште нема.

И додека земаат плати повисоки за речиси 80 проценти, најавија дека за барањата на вработените во јавниот сектор ќе се бараат системски решенија, а не поединечни.

Но и во случај да се договорат, ќе треба да помине време за да почне да се применува договореното.

„Тоа што ќе биде договорено со синдикатите ќе важи за сите вработени во јавен сектор, системско решение кое ќе гарантира статус, стандард на вработените во јавниот сектор, а воедно ќе ја следи и продуктивноста на нашата економија“, рече министерот за финансии , одговарајќи на новинарски прашања на 14 јуни.

Со незадоволството на вработените во јавниот сектор почна да се остварува најавата на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) дека земјава ја очекува жешко синдикално лето.

Вработените во Царинска управа на 16 јуни, од 12 до 12 и 30 часот ќе имаат предупредувачки протест со барање да им се исплати додаток на плата во износ од 30 проценти, што, како што велат, им следува според Закон и Колективен договор.

„Затоа решивме да направиме предупредувачки протест, да побараме исплата на додаток на плата за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 51 отсто секоја година“, посочи на прес-конференција претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Доколку не им се исполни барањето, можно е да ги радикализираат протестите, односно да ги затворат граничните премини.

На 13 јуни пред Министерството за финансии, протестираа вработените во УЈП. И тие бараат повисоки плати за 30 проценти. Од Синдикатот на УЈП велат дека во изминатите 14 години, платите на вработените се коригирани само за 5 проценти, а во последните четири години воопшто немало зголемување.

„Доколку дојде до поголеми облици на протест, мора да бидеме свесни дека ќе бидат загрозени и пооделни витални функции во општеството, а ние не сакаме да дојдеме до тоа“, вели Васе Недановски од Синдикатот на УЈП.
Доколку не работи УЈП останатите вработени во земјата нема да може да добијат плата.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *