Фестивалот „Скопје синема сити“ носи филмови за Леонард Коен, Френк Запа и „Леб и сол“
Визуелното решение за дизајнот на фестивалскиот постер е дело на Даница Орцева
Деветтото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе се одржи на 17 и 18 јуни во Кинотека на Македонија. Со мото „Приказните зад музиката“, фестивалот ќе биде отворен со групна изложба на музички фотографии со наслов „5х10“ на пет истакнати македонски фотографи: Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл.
Филмското отворање на фестивалот ќе биде со музичкиот документарец „Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната“ за песната на Леонард Коен која од отфрлен албум во 80-тите години на минатиот век, по чудни околности, ќе стане една од најизведуваните песни на сите времиња. Филмот е приказна за животот на песната „Hallelujah“ и сите музичари што ја изведувале, од Коен до Џеф Бакли.
Следниот ден ќе бидат прикажани филмовите „Вкусот на успехот“ за групата „Леб и сол“ и „Изеди го прашањето: Запа со свои зборови“ за музичкиот генијалец Френк Запа.
Инаку, фестивалот традиционално доделува Награда за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката, и оваа година таа награда ќе му биде врачена на композиторот, диригент и аранжер Џијан Емин за неговите достигнувања во светот на филмската музика. Лауреати на наградата во изминатите години беа Руичи Сакамото, Ник Кајв, групата „Њу ордер“.
Визуелното решение за дизајнот на фестивалскиот постер е дело на Даница Орцева, студент на „Brainster“. Фестивалот „Скопје синема сити“ е во организација на здружението „Номад-Арт Скопје“ и е помогнато од Општина Карпош, од Министерството за култура и од Кинотеката на РСМ.