ВАКА ЌЕ БИДЕ СЀ ДОДЕКА МОЌТА НА УЦЕНУВАЊЕ НЕ ПРЕМИНЕ ОД ДУИ ВО ЛЕВИЦА
Став на Апасиев зошто сѐ уште не е воведена една изборна единица
Eдна изборна единица нема да има сѐ додека моќта на уценување не премине од ДУИ во Левица, порача денеска Димитар Апасиев, лидерот на Левица, за Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
– Левица има најголем легитимитет да зборува за овој предлог-закон, затоа што во историјата на независна Македонија, сме најоштетени политичари од овој изборен модел, со украдени четири мандати. Според анкета доставена од Парламентарниот институт, дури 2/3 од испитаниците бараат да се воведе една изборна единица. Тоа значи дека волјата на народот не е претставена во овој парламент. Номинално, и СДС се за една изборна единица, и ДПМНЕ се за. Иако според ова, сите се ЗА една изборна единица, за да се знае кој е газда, „премиерот“ Артан Груби вели дека Владата на Р. Македонија, не дава позитивно мислење за предложениот текст на предлог-законот. ДУИ не дава ова да помине! – – вели тој.
Апасиев ја наоѓа вината и во шесте пратеници од коалицијата во власта.
– Како што ДУИ уценува, така можете и вие. Вашата моќ на уценување самите си ја потценувате. Или ви е дадена „честа под кирија“. Од Левица имате украдено четири мандати. Левица има два мандата, а со една изборна единица ќе имала пет – тоа се украдените мандати. Вие не губите, господа од власта – вие крадете! – додава тој.
Апасиев вели дека ним во првата изборна единица им требаат 10 000 гласови за пратеник, а на оној од шестата, од Тетово и Гостивар, Полог, му требаат 6 500 гласови.
– Ние влегуваме двајца, кои вкупно имаме 40 000 гласови, а вие со само 12 000 гласови. Алијанса влегува со шест пати повеќе мандати од нас, иако има само два пати повеќе гласови. Ова е уште еден случај на „Тиранска платформа“ и на рамковна тиранија на малцинството, ако се изразиме со политички некоректни термини. Една изборна единица нема да има сѐ додека моќта на уценување не премине од ДУИ во Левица – нагласи Апасиев.