Под мотото „Крушево жив тестамент на културата“ од петпок и официјално почнува манифестацијата Крушево град на културата за 2023 година. На денешната прес конференција во спомен куќата „Тодор Проески“ во Крушево министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека „Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе ги промовира македонскиот идентитет и посебност“.
-И не случајно што годинава, кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, даваме посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го и град на културата за сите домашни и странски посетители. Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе го промовира македонскиот идентитет и посебност. Да се биде „Град на културата“ не е само титула, тоа е можност да се прикаже уникатниот идентитет на Крушево, богатото наследство, енергичноста на уметничка сцена и посветеноста во негувањето на креативноста и културното изразување. Со оваа манифестација оставаме траен белег и го проектираме Крушево на европската мапа како културен и туристички центар, рече Костадиновска Стојчевска.