Се затвора македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград во Бугарија, а газдарицата на просторијата каде тој беше сместен, не го продолжува договорот.
Македонскиот клуб кој беше отворен пред шест месеци, се затвора, објави претседателот на градскиот комитет на ОМО „Илинден“ од Благоевград, Атанас Кирјаков.
„Денеска во телефонскиот разговор помеѓу Кирил Иванов (околиски претседател за Благоевградска околија и член на Координативното тело на Македонската народна организација ОМО „Илинден“) и Атанас Мазнев (претседател на клубот „Никола Вапцаров“ и копретседателот на забранената политичка партија ОМО ИЛИНДЕН – ПИРИН) добивме информација дека по шест месеци, клубот „Никола Вапцаров“ ќе биде затворен. Причината за затворањето на клубот е тоа што тој беше под кирија (наем) за рок од шест месеци, но сега газдарицата на приватната просторија во која беше сместен, не сака нов договор за наем со сегашните наематели на просторијата“, објави Кирјаков на Фејсбук.
Клубот беше мета на вандали. Полицијата ги пронајде и се работеше за лица вработени во локалната самоуправа. Кога се отвори македонскиот клуб, бугарските медиуми коментираа дека бил мал како фризерски салон и не личел на клуб. Тој беше именуван по славниот македонски поет Никола Вапцаров, роден во Банско, а Бугарија по тој повод, правеше и емисии за тоа чиј е Вапцаров, дали бил Бугарин или Македонец.