Седницата на Судскиот совет која вчера театрално ја закажа потгпретседателот Селим Адеми за 11 часот сѐ уште не е започната. Наводно таа е одложена за 13 часот. Внатре по канцеларии, на мали и поголеми колегиуми, продолжува „војната“ меѓу неговите членови. Новинарите се оставени пред вратите.
Од надвор се слушаат расправии на висок тон.Јасно е дека вчерашното разрешување на претседателката Весна Дамева на насилен начин, без почитување на законот и со помалку гласови од потребните ја уништи работата на Судскиот совет. Како членовите на Судскиот совет ќе излезат од оваа дупка засега не е јасно – дали со уште една незаконска одлука како избор на нов претседател, или со отповикување на вчерашното разрешување.
Според некои информации групата од седуммина членови на Судскиот совет што вчера ја разреши Дамева барала поддршка од другите да се избере нов претседател на Судскиот совет, бидејќи за таа одлука се потребни осум гласови, исто колку што беше потребно и за разрешување.
И вчера и денес имаше огромни реакции и кај стручната јавност, од невладините организации и од Антикорупциската комисија за вчерашната седница. Во сите нив едногласна е оценката дека настаните во Судскиот совет се огромен удар за судството.