Во Собранието на дел од пратениците со безбедносен сертификат деновиве ќе им биде презентиран Договорот за изградба на дел од коридорите 8 и 10-д што Владата го потпиша со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, но нема да им биде даден примерок. Владата вчера се обратила до Собранието за да го претстави договорот пред пратениците, а вчера попладне за тоа се известени координаторите на пратеничките групи, информираше претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите.
Останува нејасно дали постапката ќе биде доволно транспарентна за да се расчистат сите недоумици во јавноста околу договорените услови под кои ќе се градат автопатите. Спикерот Џафери информираше дека договорот ќе биде презентиран пред собраниска комисија и ако на докуметот има назнака дека содржи класифицирани информации, седницата ќе почне како отоворена, па заради констатацијата за класифицираност ќе продолжи како затворена за јавноста. Сè уште не се знае пред кое работно тело во Собранието ќе биде презентиран документот, а тоа зависи од тоа кој претседател на некоја од надлежните комисии има безбедедносен сертификат.
Деновиве ќе трае координацијата и ќе се утврдуваат деталите пред кое работно тело и во кој пратенички состав претставиците на Владата ќе го презентираат документот. Спикерот Џафери не очекува дека таква седница може да се случи во текот на следната недела, која е скратена заради празникот 1 Мај, туку најверојатно ќе се одржи кон средината на мај.