– АП(о)ТЕКА – МКЦ денеска од 12:00 до 17:00 часот органзира дневно дружење на платото пред МКЦ по повод International Record Store Day 2023. Овој интернационален „Ден на независните музичките продавници“ во светски рамки се одржува од 2007, а во земјава годинава се организира по шести пат.
Следејќи го генералниот концепт на прославата и „Record Store Day Macedonia 2023” има свој „Амбасадор”, промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде Амабасадор на годинашниот македонски Record Store Day, му е доделена на Ивица Димитријевиќ, како долгогодишен активен музичар во Македонија, особено со неговите два музички состави SIZ и RIB чии албуми беа издадени на винил, соопшти МКЦ.
Во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски, во 2019 на Стојче Цветановски, во 2021 на Александар Петрушевски-Пепе и во 2022 на Горан Трајковски.
Годинава, по шести пат, на интернационално ниво се промовира уште една почест „Worldwide Record Store Legend”, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници.
Честа да биде промовиран во нова македонска „Worldwide Record Store Legend 2023” му припадна на Младен Најдоски, пензиониран пожарникар од Велес и долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските но и на ретките македонски независни музички продавници.
Во изминативе четири години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018), Бранислав Димитров-Бране (2019), Гордан Калајџиев (2021) и Љупчо Јолевски (2022).
Годинава повторно ќе биде доделено и специјално признание на пионерите на Македонската рок музика, за луѓето кои го воведувале винилот како медиум за траен запис на нивната музичка фасцинација. За Пионери на винилот, признанието го добива музичката група ENIGMA од Дебар, односно браќата Мимидиноски (Кенан и Зинче) како прв бенд кој доаѓа од внатрешноста на државата, а својата музика ја ставил на носач на звук – винил.
Целиот славенички настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Илина Ангеловска, Зоки Бејбе, Томче Рутбој и Фрешко.
Посетитетлите ќе имаат можност за купување на винили од АП(о)ТЕКА, со специјален попуст од 20 %, на сите странски винилни изданија. Организаторите ги повикуваат сите македонски издавачи да изнесат дел од своите изданија на продажба, на обезбедените пунктови на платото пред МКЦ. Доволно е само да се најават.