„Денес сета твар се весели и радува“, „денес празнува сета вселена!“ Шепотот на Ангелот во празниот Гроб на Голгота, упатен до жените Мироносици: Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде (Мк. 16,6) – денес како вик на најблескава победа, торжествено се пренесува по сите краишта на небото и на земјата. При Голгота, на Крстот Христов, се случила најсудбоносната средба од сите времиња: средбата на смртта и Животот. Со Своето сеславно Воскресение, Животот – нашиот Господ Исус Христос, го порази врховниот наш непријател, смртта и ни подари живот. Денес Христос ви вели: „Јас воскреснав за да имате живот вечен и да имате изобилие на радоста“ (сп. Јн. 10,10). А векови пред оваа чудесна пасхална вечер, вдахновениот од Светиот Дух тајновидец, пророк Осија, ја предвидел оваа преславна победа и во пасхален занес извикал: Каде ти, смрт, осилото? Каде ти е, аду, победата? (Ос. 13,14).
Овој наречен и свет Ден, прв од седмицата, цар и господар; Празник над празниците и торжество над торжествата“ – како што пее денес сета православна екумена. Воскресението Христово е темел, суштина на нашата богооткриена вера. Доколку се замислиме подобро, нашето суштествување би било незамисливо без Христовата победа над смртта. Лесно е да заклучиме дека човекот не може да се помири со егоизмот, со страстите, со гревот, најпосле и со смртта. Тие не го прават внатрешно спокоен и среќен, а напротив – го збунуваат, обеспокојуваат и плашат. Затоа човекот, од длабината на душата, бара некаква промена на состојбата во која се наоѓа, некаков премин од тоа бедно положение, во друго, поубаво, порадосно. Да се изразам со библиски речник: човекот бара Пасха.
Во Стариот Завет, празникот на чудесното преминување на Црвеното Море се нарекувал Pesah, што во превод од старохебрејски значи ‘премин’. Тој бил најголемиот празник за древниот Израил, празник во кој сите, со благодарност и жртвоприношение, си споменувале за Божјото избавување од Египетското ропство. Во духовна смисла, секој човек има есенцијална потреба за ослободување од тиранијата на злото во светот и предимно во себеси, како и бегство од црната прегратка на смртта. Затоа и сите религии, философии, морални системи и идеологии целат кон тоа, да најдат подобар начин на живот, да го најдат правилниот пат, кој води до премин во некое безбедно и задоволително состојание. Сите тие, можеби донекаде го успокоиле човекот, макар и симулативно и привидно. Меѓутоа, во никој случај не нашле вистинско решение за најголемиот проблем којшто безмилосно го оковал човекот – смртта.
Единствениот Кој извршил премин од смрт кон живот е Христос. Тоа е несоборлив факт кој скоро две илјади години му светли на сето човештво, со зраците од избавителната пасхална светлина на славно Воскреснатиот. Исус Назареецот, Распнатиот, Богочовекот Кој воскресна и веќе не е овде во гробот (Мк. 16,6), е вистинската наша Пасха, „Пасха свештена, Пасха нова света, Пасха таинствена… Пасха која дверите рајски ни ги отвора, Пасха која ги осветува сите верни“. Он е вистинскиот премин на човекот од смрт кон живот; Он е нашиот Цар и Првосвештеник. И нема друг вожд кон воскресението освен Христос, Кој доброволно, како Човек вкуси смрт и самовласно, како Бог воскресна. Во Стариот Завет, Мојсеј, предназначен од Бога да биде пророк и водич, ги преминал Евреите, со големо Божјо чудо, преку Црвеното Море, за да ја избегнат смртта од фараонот. И кога ги довел до ветената земја, тој се искачил на планината Нево, на врвот Фазга, спроти Јерихон и оттаму Бог му ја покажал сета земја што беше им ја ветил на синовите Израилеви. Претходно, пак, Господ му го јавил на Мојсеја најголемото пророштво за неговиот народ, пророштво коешто ги надминува сите други, вклучително и тоа за ветената земја: Јас ќе им издигнам Пророк од браќата нивни, каков што си ти, ќе ги ставам зборовите Мои во устата Негова и Он ќе им каже сè, што Јас ќе Му заповедам (5 Мојс. 18,18); На никого друг не би можеле да се однесуваат овие пророчки зборови, освен на Самото Слово Божјо, бидејќи доколку не се јавеше таков Водач, Кој би можел да ги преброди и гробот и смртта, тогаш попусто би било од какви-годе други водачи, пророци, судии и цареви. Сите други ѝ подлегнале на смртта, како на крајна одредница. А Христос, иако сето зло на овој свет надвиснало над Него, Го распнало и Го затворило в гроб, сепак победоносно востанал. Он „легна како мртов лав, но како младо, силно лавче воскресна“. Не беше можно за силите на мракот да Го поразат Жизнотворецот и Жизнодавецот. Неговата сеспасителна пасхална светлина дваесет века ја грее со животворни зраци севкупната твар.
Некој можеби ќе се запраша што има заедничко овој свет со радоста на Воскресението? Втонат во страшен мрак на страсти, на спротивставености, на омраза, на меѓусебни истребувања, се чини како светот да не наоѓа место за Богочовекот Христос. Впрочем, овој свет и Го распна Христос. Но токму со тоа доброволно Свое Распетие, Синот Божји го освои светот, задржувајќи го цврсто во љубовната прегратка од Крстот. Изговореното оттаму: Оче, прости им, оти не знаат што прават! (Лк. 23,34) беше Неговиот светлозарен пробив низ темнината на омразата. Он докажа дека донесе спасение за сите, се распна и за Своите распнувачи. Неговата љубов, како несопирлив вруток, се излева на сите: и на оние кои се трудат праведно да живеат, но и на тие што прекумерно грешат, блудствуваат, што се оддале на современите пороци и зависности, па дури и на оние што се исполнети со омраза и завист.
Пораката од Крстот и Воскресението е упатена кон сите. Меѓутоа, единствено верните, кои својот живот го засноваат на таинствениот настан на Воскресението Господово, можат вистински и да го почувствуваат, да ја апсорбираат полнотата на радоста од него. Воскресенската радост нема магиски характер, не е нешто што ни се дава само за една ноќ. Пасхалното радование е реалност што се живее. Оние коишто преку подвигот на љубовта постанале пријатели Христови, го живеат Воскресението секоја недела, но и на секоја Литургија, којашто во суштина е објава и мистично доживување на пасхалното собитие. Спротивно на синовите од овој век – коишто во борбата за своите цели, па дури и во битката против злото, распнуваат други луѓе – овие деца Божји се распнуваат себеси за своите ближни, ги приковуваат на крстот на подвигот својот егоизам и страсти. Ете, токму тие се олицетворение, присуство на Христовата воскресна светлина во светот. Тие се и противтежа на сета поднебесна злоба, којашто очајно се обидува да ја побие вистината на славно испразнетиот Гроб на Голгота.
Но, мили мои, Христос навистина воскресна од Гробот и му подари неизмерна радост и светлина на овој свет. Наше останува да избереме дали ќе го прифатиме животот на воскресение. Да не дозволиме да се уподобиме на помрачениот свет од Велики Петок, кога при Распетието на Господа, настана мрак по целата земја, од шестиот до деветтиот час (Лк. 23,44). Надвор од Христа, светот е темнина, бездна на очајот и на пропадливоста. Затоа, да ги отвориме нашите срца и да се зарадуваме во „оваа спасителна и светлозарна ноќ, на светлоносниот ден на Воскресението – предвозвесница“, да Го воспееме Христа Воскреснатиот, Кој нѐ повикува да бидеме Негови пријатели, за да ни го дарува најскапоценото – живот вечен и неизмерна радост. И да не забораваме дека таа радост не е од овој свет и следствено, не е минлива како световното, туку продолжува и во вечноста.
Ви благодарам многу што сте во толкав број денес, за радост на Христа – нашето „вечно веселие“, за радост и на духовите на нашите отци, браќа и сестри коишто живееле и се упокоиле крстовоскресно, најпосле и за радост на ангелските чинови на небесата, коишто сега нѐ повикуваат, „со чисти срца“ да го славиме сесветлото Христово Воскресение.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!