Фракција на ДУИ бара отстранување на „формулата 20 проценти“ од Уставот
Членовите на таканаречената „Огнена група“ на владејачката партија ДУИ денеска соопштија дека официјално почнуваат да фунционираат како фракција на партијата. На прес конференција пред медиумите ги презентираа своите причина за постапката, како и своите барања и предлози до власта.
Градоначалникот на скопската општина Чаир Висар Ганиу изјави дека нивниот потег е демократски чин на изразување на поинакво мислење и дека тоа ќе ѝ помогне на партијата да ги исправи пропустите во своето функционирање и додаде дека нивната намера не е да го загрозат ДУИ.
„Но мора да нагласиме дека има двојни стандарди за време на дебатите и носењето на одлуките. Нашиот предлог за гласање недоверба на министрите беше одбиен. Органите на ДУИ не функционираат според Статутот.Политичките одлуки се носат исклучиво од министрите на ДУИ. Органите се третираат како декор“, изјави Ганиу.
Членовите на „Огнената група“ смеаат дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки. Ганиу посочи дека меѓу нив и ДУИ има разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик во пракса и изнесе неколку предлози за власта, меѓу кој и да се тргне од Уставот формулата „20 проценти“.
„Никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА. Време е да предложиме дијаспората да гласа по електронски пат и државата да обезбеди услови за тоа. Законот за казината треба да биде предмет на јавна дебата и ние сме за тоа тие да бидат надвор од населени места“, вели Ганиу.
Тој истакна дека „Огнената група“ е против зголемување на платите на функционерите и бараат да се зголеми минималната плата на 500 евра, да се зголеми просечната плата, да се зголемат платите на вработените во администрација. Дополнително бараат и спроведување во целост на децентрализацијата на општините со цел нивно зајакнување.