Со името на Лилит се сретнав многу доцна, и сѐ уште сметам дека многу малку луѓе знаат за тој митолошки лик. Ако кликнете на гугл денес, ќе ви излезат информации, приказни за неа и нејзини спомнувања од пред илјадници години. Се среќава во месопотамиската митологија, во хебрејската, како прва жена на Адам , создадена рамноправно со него па дури и во библијата, но само во стих Исаија (8 стр. пр. Кр): „Таму ќе се сретнат две мачки со хиени, јарците ќе се довикуваат еден со друг, таму ќе се одмара Лилит и ќе пронајде мир“ И во сите списи во кои се среќава, Лилит е демон. Побунетата рамноправна жена, која сака свое јас и право да одлучи, а не да служи, била ужасот кој се влече низ машкиот свет низ вековите . Колку и да понатаму се протежирала милната улога на Ева, настаната од реброто на мажот, Лилит , рамноправната, создадена еднакво како и мажот, не може да биде заборавена. Жичката на непослушност секогаш се пренесува на жената, та дури и гревот за излез од Рајот е на Ева, покорната жена која го прелажала мажот. Нејсе, мене повеќе муабетот на Лилит ме влече. На лик кој ги носи сите стравови кои машкиот свет ги има. Демон кој ги заведува мажите и ги одзема нивните деца. Колку само во таа приказна вреска стравот на мажот од губење контрола и борба со појак противник. Не физички, туку противник кој ментално го надвладува и покорува. И сиот страв сместен во една личност, една причина за жената да биде одбележана како полот кој прави грешки, кој е демон во светот на убавината. Но моќта на менталната сила не може туку така да се поклопи. Низ векови митот опстојува токму поради тој страв, не дали жената е попаметна, туку колку е таа ментално појака од мажот. И покрај сите напори силата да се претстави како зло, митот дека задушува деца е само рефлексија на поголемото влијание на мајката над своите деца, ликот на Лилит не згаснува. Во модерно време и сѐ повеќе се спомнува. Во време кога жената се изборила за еднаква улога во светот на мажите, Лилит добива друга персонификација: симбол на отпор кон машката наметната моќ која повеќе и не е реална. Лилит е жената која денес одбива семејство во име на кариера , брачни должности во име на свое слободно време, моќ во одлучување како прва личност во успешна фирма . Лилит одбива да биде послушна во светот кој мажите го креирале, нешто што од секогаш било поставено како услов да биде прифатена во општеството. Лилит е симбол, бесмртен за жените и уште повеќе за мажите. Симбол на непокорноста и пркосот, симбол на силата која во себе ја носи секоја жена. Лилит не е веќе мит, Лилит е реалноста која доаѓа.
Татјана Стојановска