Обврска на Парламентот и на политичките партии застапени во него преку соодветните комисии е да го комплетираат составот на Државата изборна комисија, се друго е импровизација која може да стави дамка на изборниот процес, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во Брисел и повика да се почитува законот за застапеноста на политичките партии во ова тело.
-Составот на Државната изборна комисија, бројот на членови на ДИК е наведен во закон и јас сум човек кој што неколку пати повторувам дека не може ние да толкуваме закони како сакаме. Обврска на Парламентот и на политичките партии застапени во Парламентот преку соодветните комисии е да го комплетираат составот на Државата изборна комисија, се друго е импровизација која може да стави дамка на изборниот процес. Затоа јас имам многу јасен став, како што е наведено во законот за застапеност на политичките партии така треба и да се почитува, исто како што треба да се почитува и законот во делот на техничката влада, во делот на составот на техничката Влада и Северна Македонија да оди на демократски избори на 24 април и на 8 мај, рече премиерот Ковачевски на новинарско прашање во врска со обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција дека власта прави опструкции за изборот на член на ДИК кој би требало да дојде од редовите на албанската опозиција.






