Партиски реакции по најавата Џафери да биде премиер на техничката Влада
СДСМ вечер на седница на Извршниот одбор треба да ја формализира одлуката актуелиот координатор на пратеничката група Јован Митрески, да биде претседател на Собранието до неговото распуштање, но и да донесе други одлуки и заклучоци. Митрески се очекува да биде предложен за оваа функција откако спикерот Талат Џафери беше номиниран од Демократската унија за интеграции за кандидат за премиер на преодната Влада, која се формира сто дена пред изборите.
Политичките партии вчера излегоа со свои ставови во врска со предлогот Џафери да биде на премиерската позиција, а ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го преиспита учеството во оваа Влада.
За СДСМ, е прифатлив предлогот актуелниот претседател на Собранието да биде технички премиер во 100-те дена пред изборите што треба да се одржат напролет.
– Сметаме дека Талат Џафери е соодветно и добро решение, изјави вчера пратеничката од СДСМ, Даниела Маркоска.
На прашањето што доколку ВМРО-ДПМНЕ одбие да биде дел од техничката Влада предводена од Талат Џафери и не предложи министри и заменици-министри, Маркоска одговори дека „нема да им успее ако ДПМНЕ бара алиби за поразот што ги чека на изборите“.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која бараше укинување на техничката влада, најавуваат дека во следниот период ќе донесат одлука да ќе учествуваат во оваа влада којашто, согласно Пржинскиот договор, треба да се формира 100 дена пред изборите.






