Ескобар: Не барам да се поддржи Владата, туку европскиот пат на земјата
Американскиот заменик-помошник државен секретар, најави дека можеби наскоро ќе има нови имиња на т.н „црна листа“
Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар вели дека не дошол во државава за да му кажува на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски што да прави или да му диктира услови, но дека сака јасно да стави до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа.
-Не дојдов овде за да им кажам на луѓето како да гласаат. Не дојдов овде за да им кажам на луѓето како да ја формираат владата. Не им го правиме тоа на нашите НАТО-сојузници. Тоа што го правиме е – поставуваме очекувања. Од една страна, му го пренесов истото ниво на ентузијазам што сакам да им го пренесам и на граѓаните на Северна Македонија, а тоа е дека иднината на Јужна Европа е во Европската Унија. Тоа е иднина во која овој регион ќе придонесува значително во растот на Европа и со тоа ќе придонесе и во нашата економија. Па, во таа смисла, има огромни можности за Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ, вели Ескобар во интервју за „360 степени“.
Станува збор, дополнува Ескобар, за најголемиот трговски блок во светот и најголемиот трговски партнер на Америка.
-Четири милијарди долари дневно го минуваат Атлантскиот океан и сакаме вие да бидете дел од тоа. Тоа е тој ентузијазам, за придонесот што Северна Македонија може да го даде во Европа, што сакав да го пренесам на сите мои состаноци. Во врска со лидерот на опозицијата, она што, исто така, сакам да го додадам, е дека не дојдов тука за да му кажам што да прави и не дојдов тука да му диктирам услови. Но, сакав да ставам јасно до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, оние кои ја покажуваат својата посветеност на НАТО и кои ја продолжуваат борбата против корупцијата. Тоа е нашето очекување. Тоа што се случува во моментов, со можностите кои се презентирани, да се придвижи кандидатскиот статус на Северна Македонија кон Европската Унија, е дел од тој процес. Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат. Затоа што ќе ни биде од корист и нам, посочува Ескобар.






