Македонија Новости Став Топ Вести

Aкадемик Камбовски:Треба да бараме научни и културни комуникации за „очи во очи“ да ги расчистуваме работите со Бугарија

,


Прашањата поврзани со идентитетот, дури и таму каде што има билатерални спорови, да не се подигнуваат на рамниште на вето и условувања за членство во ЕУ, туку за нив да владее принципот на добра волја, добросовесност и поддршка на другите земји, да се решаваат низ комуникација, низ културен и научен дијалог, низ културна соработка, за да се создадат мостови на пријателство и разбирање меѓу народите. На тоа како наука и уметност мора и треба да влијаеме. Треба да создадеме клима во која ќе можат и политичарите да ги градат тие мостови на соработка, порача денеска академик Владо Камбовски од 13. Конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (AIESЕE).

Во обраќањето на Конгресот што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Камбовски подвлече дека прашањето за националните идентитети, јазици и култура не може да биде предмет на билатерални спорови или на идеолошки различни пристапи зашто, како што напомена, се работи за елементарни, фундаментални човечки вредности.

-Правото на самоопределување на поединците и народите е природно право и тоа не можете да го дискутирате или да го ставате во рамки на некои формални договори меѓу државите – дали ги признавате или не ги признавате, потенцира академик Камбовски.

Според него, Македонија и Бугарија во однос на спорот засега разговараат на лош начин, само преку еден канал – политичкиот, наместо да ги користат и останатите канали како науката и културата.

– Треба упорно да работиме, да бараме комуникации – научни, културни и други за „очи во очи“ да ги расчистуваме работите. Ние сега сме закопани на две различни страни. Разговараме на лош начин за овие прашања, користејќи го само политичкиот канал кој е само еден од каналите, а го запоставуваме овој, другиот канал. Кога би работел другиот канал кој смета на тоа дека, да речеме, научната средина и кај нас и во Бугарија мора да се држи за своите освештени правила, а тоа е вистината, треба да се бори, и ние, па и Бугарите, за она што е вистина. Не можеме да ја политизираме науката како што има тенденции да се политизира или да се инструментализира за остварување на вакви или онакви цели. Прашањата на спорења за јазици, за корените и слично треба да се остават на науката, таа треба да расправа за нив. Нема прашања кои не може да биде предмет на науката, може да постојат различни стојалишта и постоеле секогаш, па дури и спорења, а има и непрестани спорења стотици години околу одделни прашања во науката, рече Камбовски.

Осврнувајќи се на ЕУ, оцени дека за да ја ревитализира својата политика на проширување, Унијата мора да го усогласи управувањето со кризи со долгорочните стратегии за интеграција, да ја потврди својата посветеност кон земјите-кандидатки и да ја зајакне својата внатрешна способност за привлекување нови членки.

-Затоа, проширувањето не смее да се сведе на бирократски процедури, наметнување услови без рационална основа или употреба на вето од страна на одредени земји-членки за решавање на билатерални спорови. Впечатлив пример е ирационалното вето наметнато од Бугарија кое го оспорува македонскиот национален идентитет, јазик и култура – елементи кои како суштински, фундаментални и универзални човечки вредности не можат легитимно да бидат предмет на политички или билатерален спор. Негирањето на идентитетот како највисок израз на правото на самоопределување на поединците и народите создава опасни преседани што го попречуваат развојот на пријателски односи и комуникации меѓу народите. Негативните последици од таквите негирања стануваат уште потешки кога преку инструментализација на науката тие се прикриваат под маската на академско истражување, со што се нанесува непоправлива штета на самата наука, нагласи Камбовски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *