Поранешната министерка за одбрана на Македонија и прва Македонка на висока функција во Алијансата, Радмила Шекеринска, од вчера е активно ангажирана во НАТО. Се очекува денес таа да учествува и на министерскиот состанок на кој главна тема ќе биде Украина.
На страницата на НАТО веќе јасно стои дека Шекеринска од втори декември е заменик генерален секретар на Алијансата и дека таа има големо искуство како политичар и постигнувач на консензуси.
Таа, според НАТО, е шампион во родов баланс и промотор на силни трансатлантски односи. На НАТО му се приклучи по забележителната политичка кариера која, според текстот, вклучува два мандати како министер за одбрана, како прва жена на таа позиција во Македонија.
„Како министерка за одбрана, таа беше клучна во подготовката на Северна Македонија за влез во НАТО, предводејќи ги сложените владини реформски програми и трансформацијата на вооружените сили. Под нејзино водство, Северна Македонија го зголеми својот придонес во мисиите и операциите на НАТО, вклучително и во Авганистан, Косово, Ирак и засилено напредно присуство на НАТО во Латвија. Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО во 2020 година и успешно постигна целосна воена интеграција во НАТО за помалку од 19 месеци.






