Потпишување договор за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на пругата со Бугарија
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов денеска ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
Церемонијата на потпишувањето ќе биде организирана на железничката станица Ѓуешево, а предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, на НАТО, на САД, на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светска банка.
Како што информираат од Министерството за транспорт, изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри од кои 1,2 се на територијата на Македонија.
-Изградбата на железничкиот Кориодр 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамки на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце, наведуваат од Министерството за транспорт и врски.
Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој, на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.






