Николоски: Предвремени парламeнтарни избори со локалните нема да има
Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ и министер за транспорт, Александар Николоски, вели дека партијата нема да отстапи од изборното ветување дека ДУИ ќе биде во опозиција. Според него, доколку некој смета дека треба да соработува со ДУИ, тогаш секако ќе биде во опозиција, праќајќи со тоа порака до лидерот на Алијансатра на Албанците Арбен Таравари кој предизвика криза во владината коалиција. Според него, нема никаква официјална најава од Таравари дека ќе оди во коалиција со ДУИ, но ако тоа се случи, тогаш „ќе се промени реалноста“.
Николоски, е уверен дека исклучително искусен политичар како Арбен Таравари нема да повлече потег со кој би си ги загрозил сопствените позиции. Соработката со ДУИ би била маневар со кој тој би си ги затворил вратите во владината коалиција.
„Тој е многу политички искусен. Јас можеби најмногу од сите што сме во постојнава влада сум го критикувал, но ако тоа го тргнеме настрана, факт е дека тој е политички искусен и не мислам дека е до толку, ај сега обратно да кажам – наивен, да влезе во соработка со ДУИ. Мислам дека малку и јавноста го потценува и не очекувам дека ќе направи чекор со кој политички би се самоубил. Би бил изненаден да покаже таква политичка наивност. Се разбира, не исклучувам такво сценарио, но би бил многу изненаден ако тоа се случи“, вели Николоски во интервју за „360 степени“.
Според него, освен евентуална соработка со ДУИ, не постојат други причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ или премиерот би размислувале за прекинување на партнерството со Таравари, бидејќи тој како министер ужива доверба меѓу членовите на кабинетот на Мицкоски.
„Мислам дека и граѓаните се задоволни од она што тој го прави. Имавме огромна трагедија за која тешко дека одговор би можеле да дадат поголеми здравствени системи од македонскиот. Во однос на соработката со ДУИ, за нив нема место во владата. Ако некој од партнерите во ВЛЕН мисли дека може да соработува со ДУИ и на тој начин директно ДУИ да е во Владата, тоа не е реално и ние до таа политика ќе се држиме до крај. Ние добивме мандат со ветување дека ДУИ ќе биде во опозиција. И овие четири години тоа ветување ние ќе го држиме. Доколку некој смета дека со ДУИ треба да соработува, тогаш секако ќе е во опозиција. Но, во овој момент ние немаме никаква официјална најава од Таравари дека ќе оди во коалиција со ДУИ. Значи, ако отиде во коалиција со ДУИ, тогаш ќе се промени реалноста“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.






