Култура Македонија Новости Став Топ Вести

Австриската современа уметност доаѓа во Македонија

Австриската современа уметност по 1945 година е производ на едно сложено и динамично испреплетување на историските, политичките и културни сили. Последиците од Втората светска војна условија Австрија, како и поголемиот дел од Европа, да се бори со потребата од повторно издигнување, не само инфраструктурно или политички како резултат на воените разорувања, туку и во поглед на културната и интелектуалната сфера.

Од денешен аспект можеме слободно да кажеме дека токму австриските уметници на овој предизвик одговорија со иновативни, понекогаш радикални, пристапи кои ја позиционираа Австрија како центар на современата уметност. Уметноста стана клучен сегмент во надминувањето на колективната траума и дефинирањето на националниот идентитет, преку настојувањето да се изнајдат нови форми на уметничко изразување кои истовремено би го одразиле разочарувањето од уништувањето на војната, но и надежта за нов почеток.

Ова го истакнува в.д. директорката на Националната галерија Маја Неделкоска-Брзанова.

Таа најавува дека изложбата “Австриската уметност после 1945”, во Даут пашин амам ќе биде отворена на 30 октомври.

Современа уметност по 1945 година во Австрија се карактеризира со богата разновидност на стилови, движења и пристапи. Од егзистенцијалната апстракција на повоениот период до радикалните изведби на виенскиот акционизам и концептуалните истражувања на постмодернизмот, австриските уметници постојано ги поместувале границите на она што уметноста може да биде и што може да претставува.

Денес, австриската современа уметност и понатаму е енергично и динамично поле, кое ги одразува не само локалните специфичности на австриската историја и култура, туку и пошироките глобални струи на современата уметничка практика. Преку своето творештво, австриските уметници длабоко се вклучија во политичките, социјалните и технолошките промени во 20-от и 21-от век, давајќи значаен придонес на меѓународната уметничка сцена.

Оттука изложбата “Австриската уметност после 1945”, на македонската публика и открива еден важен аспект од австрискиот културен идентитет. Таа отвара можност да видиме дел од творештвото на некои од авторите кои низ децениите наназад учествувале во оформувањето на австриската уметничка сцена и афирмацијата на новите ликовни тенденции.

Станува збор за избор од 50ина слики и неколку склуптури – современи уметнички дела од повеќе автори кои со својот творечки и интелектуален потенцијал одиграле значајна улога во развојот на австриската ликовна уметност после 1945 година и денес се дел и од повеќе приватни колекции.

Земајќи го во предвид погоре кажаното се чини доволно провокативна и интересна можноста за една ваква средба со репрезентативни примери од современата австриска ликовна сцена, кои што се врзуваат за некои од клучните периоди во историјата на модерната уметност, кога суштествено се менува начинот на размислување и гледање на уметничкото дело.

Токму едно од примарните настојувања и определби на Националната галерија, тргнувајќи од нејзиното основање во далечната 1948 година па се до  денес, оди во насока на презентација на разнообразни ликовни изразувања и автори кои одиграле значајна улога и оставиле силен белег во афирмацијата на развојните тенденции како во македонската, така и пошироко, во светската современа ликовна уметност.

Преку избор на актуелни изложби и автори коишто со своите естетски вредности и творечки квалитети предизвикуваат соодветно внимание настојуваме да поттикнеме или отвориме комплексни прашања условени од одредени актуелни социоекономски, општествено-политички или филозофско-естетски прашања.

Амбиентот на ликовните простори каде изложбите наоѓаат место за свое вообликување и заживување, од своја страна, пак, овозможува дополнителна сензација и инспирација во оформувањето одредена ликовна визија и во дефинирањето дадена ликовна естетика.

Токму затоа веруваме дека и овој пат амбиентот на средновековната турска бања „Даут пашин амам“ од втората половина на 15 век, со својата специфична и карактеристична архитектура, композициски и идејно ќе придонесе во надградувањето и збогатувањето на концепциската поставеност и структурата на изложбата “Австриската уметност после 1945”, која е дел од низата културни настани организирани по повод одбележувањето на јубилејот 30 години од воспоставувањето на дипломатска соработка помеѓу нашите две земји.

Конечно, оваа изложба и овој настан во рамките на одбележувањето на 30 години од  воспоставување на дипломатските односи претставува една од можностите за доближување на народите на двете земји. Јазикот на уметноста и културата е универзален јазик кој во себе ги создава, гради и негува општочовечките вредности. Токму преку афирмацијата на уметничкото творештво во најголема мера можеме да ги зацврстиме културните врски меѓу народите и земјите, притоа секогаш истакнувајќи ги заемните и универзални вредности и поттикнивајќи исклучиво одредена хуманистичка димензија.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *