Македонија Новости Став Топ Вести

Кои се новите членови на историската комисија?

Четири нови имиња, двајца поранешни членови и еден од досегашниот состав на Комисијата за историски прашања со Бугарија се имињата кои владата ги усвои вчера на затворена седница како нов состав на македонскиот тим во Комисијата. Сепак, Телма дознава дека ниту досегашните, ниту новите членови на Комисијата сè уште не се официјално известени, првите дека завршува нивниот ангажман, а вторите дека се избрани за членови во Комисијата. Како што дознаваме повеќето од нив за одлуката на дознале од медиумите и сè уште не добиле официјално известување од Владата.

Со одлука на владата, Ванчо Ѓорѓиев, професор од Филозофскиот факултет при УКИМ, треба да го наследи Драги Ѓоргиев, на чело на Комисијата. Ѓорѓиев до октомври 2021 година беше дел од историската Комисија од која се повлече поради, како што наведе тогаш, обиди за директно мешање од висок функционер во МНР во работата на Комисијата.

Како член во Комисијата се враќа и Александар Литовски, научен соработник при Институтот за национална историја во Скопје, откако во јануари 2021 тогашната влада не му го продолжи договорот.

За првпат, како членови на Комисијата, со бугарскиот тим ќе се соочат, Никола Минов, вонреден професор на Филозофскиот факултет при УКИМ, Митко Панов, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје, Сашо Додевски од Филозофскиот факултет во Скопје и Бесник Емини, виш научен соработник на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.

Димитар Љоровски Вамваковски, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје, е седмиот и единствениот член на досегашиот состав на Комисијата кој ја доби довербата на новата влада да го продолжи ангажманот и да биде кадровскиот континуитет меѓу стариот и новиот состав на Комисијата, нешто што го најави шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски минатата недела.

Премиерот Хрстијан Мицкоски пред три недели ја најави кадровската смена во историската комисија со Бугарија, што го објасни со незадоволство од досегашната работа на македонскиот тим.

Засега нема информација кога новите членови ќе ги потпишат договорите за ангажанот во Комисијата и кога ќе се случи конститутивната седница на новиот тим.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *