Македонија Новости Став Топ Вести

Седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

 Во Собранието денеска се очекува Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците да ја продолжи втората седница. Членовите на оваа Комисија ќе продолжат со расправата по Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2023 година.

На дневен ред се и Годишниот извештај за работата на Агенцијата за администрација за 2023 година, Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија за 2023 година и Годишниот извештај за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за 2023 година.

Народниот правобранител, Насер Зибери вчера ги презентираше главните констатации содржани во Извештајот. Како што информираше Зибери, вкупен број на примени претставки до Народниот правобранител во 2023 година изнесува 2.802 од кои 54 се формирани по сопствена иницијатива.

-Најголем број од овие претставки – 1.100 или 39,26 проценти се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 721 или 25,73 отсто се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, 331 или 11.81 проценти на повреда на правата од страна на локалната власт, 258 или 9,21 отсто на повреда на правата од страна на судската власт, 190 или 6,78 проценти на повреда на правата од страна на правните лица, 139 или 4,96 отсто на повреда на правата од други субјекти и 63 претставки или 2,29 проценти се однесуваат за повреда на правата од повеќе органи или институции, образложи тој, дополнувајќи дека заедно со пренесените, канцеларијата постапувала по 3.328 предмети.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *