Она што толку долго се очекуваше – претседателската дебата на сите седум кандидати – вечерва се одржа во студиото на Македонската телевизија, но таа помина без некоја поголема возбуда, без посериозни спротивставувања на аргументи, без искричења во размената на ставовите.
Секој од кандидатите ги кажуваше познатите ставови споменати во нивните изборни програми, или во она што го говореа досега на митинзите. Можеби за тоа придонесоа и правилата на дебатата кои не дозволуваа меѓусебна размена затоа што на репликите и контрарепликите мораше да се чека да помине цел круг пред да се говорниците. Генерално, дебатата, снимена во неделата попладне, а потоа емитувана во вечерниот термин, беше коректна
Очекувано, повеќе дебата се разви околу македонските аспирации за ЕУ, промената на уставот, дали државава треба да биде поодлучна во односите со ЕУ. Гордана Силјановска-Давкова тврдеше дека „францускиот предлог не е земи или остави“ и дека очекувала претседателот Стево Пендаровски да го отфрли. Според неа, „ова не е завршена работа“.
Пендаровски нагласи дека во европската преговарачка рамка отсекогаш постоела и регионална клаузула. „Договорот со Бугарија е споменат во европската преговарачка рамка. Од 1997 година постои регионална клаузула секој пат кога одите кон ЕУ, секој пат. И во истата реченица во европската преговарачка рамка за нас во која се спомнува со Бугарија, се спомнува и Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор“ порача Пендаровски. Тој истакна дека условот за влез во ЕУ е јасен, дека нема поинаков пат и направи споредба со приемот на Македонија во Обединетите нации.
Стевчо Јакимовски рече дека колку што нам ни треба ЕУ толку и ЕУ има потреба од нас. Според него, Македонија ги прифаќала овие предлози затоа што била премногу предвидлива во нејзините одлуки.
Максим Димитриевски тврдеше дека не се потребни уставни измени: „Не е потребно да се менува , да не се дозволи уривање на унитарноста на државата и да се дозволи скриена трансформација на Македонија од прост во сложен тип на уредување“.
Арбен Таравари нагласи дека треба да се прифати актуелната демографија и да се исфрли еуфемизмот за „20 проценти“. „Најдете една држава каде што дефиницијата за употреба на јазикот е со проценти и бројки. Во Косово живеат 5 отсто Срби и јазикот е на цела територија. Пред 50 години службени јазици беа македонски, албански и турски. Сега зборуваме дали ќе употребиме 20 отсто или не“.
На сличен став беше и Стево Пендаровски, кој рече доколку се отвори уставот за внесување на Бугарите во Уставот треба да се размисли и за исфрлање на таа одредница 20 отсто.
„Франкенштајн устав“ – така го нарече Гордана Силјановска-Давкова. Билјана Ванковска (која модераторот Стојан Трпчевски во претставувањето ја нарече „политичка девица“, мислејќи на тоа дека за прв пат влегува во политиката) е за целосно нов устав, бидејќи се потребни радикални промени. А Стевчо Јакимовски мисли дека гувернерот на Народната банка треба да го назначува претседателот, а не да му предлага на Собранието. Според него, тоа би ја зајакнала независноста на централната банка.
Бујар Османи беше најмногу на удар на неговите ривали за многу теми – дека повеќе се грижел за Косово отколку за македонија, за неговиот предлот за излегување од „Отворен Балкан“, за конспорзорството на Македонија на резолицијата на ОН за геноцидот во Сребреница. Османи цврсто го бранеше неговиот предлог да се воведе меѓународен борд кој ќе врши ветинг на политичарите, обвинителите и судиите затоа што ние досега не можевме да го решиме проблемот со корупцијата. Тој и Таравари често влегуваа во дуел онолку што им дозволуваа правилата на дебатата.
За ветинг се залагаше и Пендаровски. Тој рече дека „ветингот мора да биде овој пат задолжителен. И јас во тоа и мојата лична одговорност ја гледам. Во 2016 година бев предводник во ИЕ1 за тие избори, слушајќи ги луѓето во Брисел, а тие водејќи се од искуствата од Албанија, рекоа немојте, затоа што секој трет помина таму во правосудството“. Пендаровски порача дека овој пат ветингот мора да се направи согласно македoнското законодавство.
Имаше некои искричења: Ванковска му се обрати на Османи со зборовите: „Сите нас не правите имбецили околу ветингот“. Силјановска-Давкова тврдеше дека без сомнение НАТО ќе нѐ примел и без Преспанскиот договор. Потоа околу тоа дали Македонија ги нарушува односите со Србија, со директни алузии на Османи како министер за надворешни работи. Стевчо Јакимовски тврдеше дека во Сребреница не се извршил геноцид, туку злосторство.