Мерис: Нема гаранција дека Македонија ќе стане членка само затоа што го сменила Уставот
Нема гаранција дека Северна Македонија ќе стане членка само затоа што го сменила Уставот, но има гаранција дека ако го смени, ќе ги почне преговорите да стане членка, вели белгискиот амбасадор Фредерик Мерис
Имав добар впечаток од расправата во Собранието, но и покрај тоа, не гледам нов прогрес, вели белгискиот амбасадор Фредерик Мерис
Амбасадорот на Белгија одговорен за Македонија, Фредерик Мерис, неделава во македонското Собрание ги преставуваше приоритетите на белгиското претседателство, токму кога се случуваше драмата околу смените во техничката влада, а надвор од собраниските кулоари се тркалаше пасошката драма. Како амбасадор на земја претседавач со ЕУ, кој исто така ја покрива Македонија од Бугарија, а е одговорен и за Албанија, тој даде неколку оценки за состојбата во која се најдоа преговорите на Македонија со ЕУ, за ветровите меѓу Скопје и Софија и за внатрешните случувања, вклучувајќи ја и можната одлука на ЕУ за тоа како да се соправи со нашите граѓани што ќе останат без документи.
Негова клучна оценка притоа е дека во парламентот точно знаат кои се конкретните проблеми со кои треба да се соочат и дека за нив треба да се донесат одлуки, но дека немаат заклучоци како да го постигнат тоа – што треба да го постигнат. Решенијата за проблемите на Македонија ги гледа во правењето компромиси и во напорите да стане земја членка на Унијата. Иако доаѓа од земја поделена по лингвистички линии, тој смета дека во одреден момент и македонските и албанските политички партии треба да се издигнат над етничките групи и да работат за доброто на целата земја. Во Македонија, вели исто така Мерис, сѐ уште нема култура во политиката да се работи за интересите на државата а не само за сопствените политички интереси.






