Немало докази за построги мерки: Кривичниот суд ја објаснува одлуката за осомничените во случајот во М-НАВ
Од ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот…, велат од Кривичен суд
Судот постапува пред се врз основа на приложената документација/докази доставени од ОЈО и МВР и врз основа на слободно судиско убедување, посочуваат од Основен кривичен суд Скопје по реакциите кои произлегоа од неправосилните одлуки на Судот за случувањата во М-НАВ.
Од Кривичен нагласуваат дека јавноста мора да се запознае со релевантните податоци за настанот, внимавајќи притоа и на тајноста на истрагата, а со единствена цел да се отфрлат сите непроверени шпекулации кои се пласираат, а со кои се влијае врз судско обвинителската постапка.
– Имено, неспорно е дека настан од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица, се вели во реакцијата од Кривичен.
Во врска кривично правниот настан, истакнуваат дека, законското битие на кривичното дело од член 303 став 2 од КЗ, кое им се става на товар е дека: „Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“.
– Во конкретниот случај, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Имено од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, нагласуваат од Кривичен суд.
Воедно, се вели во соопштението, според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев.






