Македонија Новости Топ Вести

Стопирани подготовките за сите тестирања и матурата, вработените во ДИЦ бараат за 8.000 денари повисоки плати


Дваесет и тројцата вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ) веќе 11 дена се во штрајк и не ги извршуваат нивните работни обврски. Тие бараат повисоки плати, но засега нема никакви најави дека Минстерството за финансии ќе им излезе во пресрет.

„Сите процеси што ги води ДИЦ се стопирани, односно тоа се приправничките испити за наставници, потоа, сите меѓународни тестирања кои вообичаено ние ги организираме и реализираме. Не се работи ниту на државното тестирање, односно не се работи на извештаите иако резултатите од истото, се готови. Во овој период обично се подготвуваат задачите кои ќе се паднат на државната матура, но и тој процес е стопиран. Никој не ја прави годишната програма за работата на ДИЦ, а не се работат ниту напредните обуки и основните обуки за директори“, вели Емилија Бошковска, советничка во ДИЦ.

Во периодот на штрајк, вработените доаѓаат на работа, но не ги извршуваат работните обврски. Како што информира Бошковска, времето го користат за да ги надградуваат своите знаења и организираат меѓусебни интерни обуки.

Во врска со тоа, како течат преговорите со Министерството за финансии, Бошковска вели дека засега нема конкретни најави или ветувања дека платите ќе им бидат покачени.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *