Култура Македонија Новости Стил Топ Вести

„Мистика“ – концерт во чест на Маскањи во Филхармонија


Овој четврток, во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Мистика“ – посветен на опусот на италијанскиот композитор Пјетро Маскањи. На програмата се Интермецо „Il sogno“ од операта „Гуљелмо Ратклиф“, Интермецо од операта „Пријателот Фриц“ и музиката за филмот „Сатанска рапсодија“ кој во соработка со Кинотеката на Р.С.Македонија паралелно ќе се прикажува во текот на изведбата. Диригент е Масимилијано Калди од Италија.

Пјетро Маскањи е италијански композитор и диригент (1863 – 1945). Музика учел во родниот град Ливорно и на Конзерваториумот во Милано. По завршувањето на студиите настапувал како диригент низ повеќе италијански градови. Стекнувајќи животни искуства, увидел колку вистинскиот живот се разликува од она што романтизмот привидно го покривал во музиката и сосема јасно ја воочил перспективата, новиот пат по кој треба понатаму да се движи и да се развива музичката драма. Постепено ослободувајќи се од влијанието на Вагнер, тој, врз основа на новиот реалистичен правец веризам, го напишал своето најдобро дело „Кавалерија Рустикана“, со која на 27 години ја освоил првата награда во конкуренција од 73 дела, на конкурс за најдобра опера во еден чин. Со својата музика богата со колоризам и белканто пеење, со мелодиското богатство и интересно користените хармонски ефекти, Маскањи отворил нов прозорец во италијанската оперска музика. Иако напишал 14 опери, три оперети и повеќе вокални дела, кантати и соло песни, ниту една опера не го постигнала успехот што му го донела „Кавалерија Рустикана“, која извршила големо влијание на неговите современици.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *