Мицкоски за изјавата на О’Брајан: Ако на некого му е потребен мој совет какво патничко моторно возило да купи, му стојам на располагање
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска пред почетокот на лидерската средба во Собранието изјави дека уставни измени нема да има се додека немаме јасен европски пат. Според него, ниту техничката влада ниту уставните измени не се предмет на оваа средба, туку датумот на одржување на парламентарните и претседателски избори.
-На денешниот состанок очекувам да разговараме за тоа што претходно го најавуваше Ковачевски. Ние немаме други позиции освен оние кои што во јавноста беа кажани. Очекувам да слушнам уште една гимнастика од страна на Ковачевски и владините партнери. Јас побарав лидерска средба во формат во кој што тие ќе го изберат уште многу одамна. Правеа обиди за политички гимнастики повеќе недели за да на крај повторно завршиме на ваква лидерска средба. Изгубеното време не можеме да го вратиме, но за неколку месеци ќе им дојде крај и ќе има одговорност, изјави денеска Мицкоски.
Прашан за уставни измени, Мицкоски уште еднаш ги потврди неговите позиции, посочувајќи дека уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат.
-Јас не се шегувам со тоа што го кажувам како наша позиција, бидјеќи вчера политичар на заминување имаше интервју на национален медиум и кажа дека е сигурен и тврди дека ќе има уставни измени дали сега или за шест месеци. Еве јас ќе ви кажам дека уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека немаме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедница во Бугарија, а исто така јас тврдам дека за неколку месеци од денеска многумина политичари ќе бидат минато на политичката сцена, меѓу кои е и тој, додаде Мицкоски.
На прашање како ја коментира изјавата на О’Брајан дека не би купил ни возило од него а не да го гласа, Мицкоски потенцираше дека секоја изјава која доаѓа од стратешки партнер е изјава која треба да се анализира.
-Секоја изјава која доаѓа од стратешки партнер е изјава која треба да се анализира. Истовремено, јас како машински инженер на студиите сум ги положил предметите како што се „Моторни возила“ со највисока оценка 10 и доколку на некого му е потребен мој совет какво патничко моторно возило да купи му стојам на располагање, рече Мицкоски.





