Министрите од Западен Балкан потпишаа заедничка изјава за борба против корупцијата
Во рамки на Министерскиот совет на ОБСЕ беше потпишана и заедничка изјава за борба против корупцијата меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.
Потпис на изјавата, чиј текст беше усогласен на 31 октомври во Скопје за време на Регионалната конференција за борба против коруцијата и перење пари која ја организираше Македонија како претседавач со ОБСЕ, ставија шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ и српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
-Замолувам да не ни се држат лекции од страна, бидејќи сите земји членки на ЕУ сега да треба да поминат низ она што поминуваме сите ние тука за да влеземе во Унијата, тогаш три четвртини од земјите не би го поминале тестот, рече шефот на српската дипломатија Дачиќ.
Според Дачиќ, борбата против корупцијата и организираниот криминал не може без целосната координирана акција и меѓународна соработка.
Денеска, на последен ден од Министерскиот состанок, ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.
Според најавите, прес-конференција треба да одржи и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.