Пендаровски: Измените на Кривичниот закон добро им дојдоа на функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот Стево Пендаровски вечерва во интервју за „Клик плус“ на ТВ21 го искоментира потпишаниот указ за измените на Кривичниот законик и изнесените обвинувања од страна на опозицијата.
-Опозицијата ме обвинува дека со потпишувањето на указот за измените на Кривичниот законик сум се додворувал на СДСМ и ДУИ за поддршка за втор мандат и дека измените на Кривичниот законик се однесуваат на сегашните функционери, кои кога нема да бидат на власт нема да одговараат бидејќи ќе го нема членот 353, истакна претседателот Пендаровски. Но, доколку е така, тој додаде, нека објаснат како измените, односно често споменуваниот член 353 ги опфаќа и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ како Антонијо Милошоски, Игор Јанушев, Миле Јанакиески, Димитар Димовски. Тој додаде дека се слушаат наводи дека измените на Кривичниот законик се прават за амнестирање на поранешниот премиер Груевски и негово враќање во земјата, но еве помина веќе месец и пол, а Груевски е во Будимпешта, рече Пендаровски.
Тој додаде дека „опозицијата направи кворум за донесувањето на измените на Кривичниот законик и е последна која треба да коментира за ова прашање“.
На новинарско прашање дали Сашо Мијалков и екс премиерот и бегалец Никола Груевски ќе влијаат врз пратениците, Пендаровски вели дека Мијалков е тука и доколку сакал да влијае, можел.
-Мијалков е тука, ако тој сакаше да влијае врз пратениците, тој можеше. Додека ја служи затворската казна, направи најголема свадба во регионот. Тоа се шпекулации, или во врска на Кривичниот законик од штабот на дезинформации од палатата на ВМРО-ДПМНЕ за Груевски да се врати. Сега велат дека се очекува некаква одлука на Врховниот суд за навистина да се врати, порача Стево Пендаровски.






