Со амнестијата Собранието ја игра улогата на суд, вели професорот Шкариќ
Предложениот закон за амнестија не е поради некоја рационалност, туку е од нужда. Во затворите нема место за нови криминалци. Но, од друга страна, Собранието преку овој закон игра улога на суд. И тоа суд кој суди по кратка постапка.
Вака професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, го оцени предложениот закон за амнестија од страна на Министерството за правда. Околу оваа тема Македонското пенолошко друштво денеска организираше конференција и Шкариќ беше еден од учесниците.
Според него, секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт.
„Практички, Собранието преку овој закон игра улога на суд. И тоа суд кој суди по кратка постапка. И веројатно без поголема поддршка. Сега имаме парадокс – судски постапки кои траат долго време, бидејќи тоа го бара правдата, некои траат и по 10 години, се води сметка обвинетиот да дојде до израз, да го каже своето мислење. Судијата размислува врз основа на докази каква пресуда да донесе. И одеднаш таа правосилна пресуда законот ја укинува па дури има намера и да ја избрише. Целиот тој судски труд паѓа во вода“, вели Шкариќ.
На прашањето од новинарите зошто криминалците да бидат ослободени, наместо да вршат некоја општествено корисна работа, професорот Шкариќ вели дека тоа „не само што е корисно, туку е и правнички исправно“.
Но… за да се направи тоа треба да се променат постојните закони. „Нема потреба за одредено кривично дело да се дава затвор од шест месеци. Подобро е тој криминалец да се искористи за одредена корисна работа, општествено корисна, се разбира, под надзор, отколку да оди во затвор. Но, за тоа треба да се променат законите“, оценува Шкариќ.






